Патриотско Друштво

Асимилаторската политика на македонските соседи

Асимилаторската политика на македонските соседи

Ситуација во која соседите на една нација работат против истата е добро позната на сите држави на Балканот. Сепак, ниедна од нив немала поголеми последици од македонската нација која со векови била мета на пропаганди од сите нејзини соседи. Српските, грчките, бугарските, па дури и романските се само некои од пропагандните движења кои дејствувале на територијата на Македонија низ вековите. Додека е актуелна темата за автокефалноста на Македонската православна црква, да се потсетиме на тоа како укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година го отворило патот за различните пропаганди врз македонскиот народ.

По укинувањето на Охридската архиепископија, македонските епархии биле присоединети кон Цариградската патријаршија. Воедно во овој период патријаршијата се повеќе станувала агент на грчките национални интереси. Таа правела сè во нејзина моќ за да го грцизира христијанското население во Османлиската империја. Покрај негирањето на македонскиот идентитет, патријаршијата се противела и на целата словенска култура и писменост. Започнало постепено укинување на словенскиот јазик во богослужбата, а тој бил заменет со грчкиот.

Грчката пропаганда имала невооружен и вооружен карактер. Во 1877 година грчката страна имала 256 училишта во Македонија. 19 години подоцна, бројот се искачил на 970 грчки училишта и над 50.000 ученици. Слична е ситуацијата со друштвата за ширење на грчката култура и јазик. Серското друштво во 1879 година имало буџет од 189.000 драхми, а речиси 20 години подоцна тој изнесувал 1 милион драхми. Главен претставник на вооружената пропаганда била паравоената организација Етники етерија која работела на создавање на Голема Грција, а најпозната акција – Андартската провокација.

По балканските војни дошло до присоединување на Егејска Македонија со Грција. Тогаш започнало систематско бришење на македонскиот идентитет во неколку фази. Илјадници македонски населени места добиле грчки топоними. Така Воден станал Едеса, Вртикоп – Скидра, Почеп – Маргарита, Рахче – Кринидес, Кутлеш – Вергина, Либаново – Егинио, Баница – Веви, Суровичево – Аминдео. Паралелно со овие промени биле населувани грчки семејства низ сите населени места со македонско мнозинство. Најголемиот дел од овие Грци дошле во државата по грчко-турската размена на население од 1923 година. Оваа систематска дискриминација на Македонците кулминирала со режимот на Јоанис Метаксас. Употребата на македонскиот јазик била забранета во целост, па дури и за домашна употреба. Грчката полиција ги прислушкувала македонските села, а над 5000 Македонци биле тешко казнети поради кршењето на оваа забрана.

Во втората половина на XIX век, грчката пропаганда наишла на нова пречка. Таа пречка била новооснованата Бугарска егзархија, која отворила нов фронт во пропагандната војна. На почетокот, таа ја контролирала бугарската територија и македонската велешка епархија. Сепак, бидејќи еден од членовите на основачкиот ферман дозволувал приклучување на нови епархии, набрзо Бугарската егзархија се проширила и во останатиот дел на Македонија исто како и со Грците, и бугарските пропагандни тела добивале се поголем буџет за нивните дејствија. Така во 1881 за оваа  цел билде доделени 100.000 лева, додека во 1890 овој број се искачил на 5.500.000 франци. 

Голема улога во ширењето на бугарската пропаганда имале егзархиските училишта. Покрај нив, претставувањето на Бугарската егзархија како пријател на Македонците против Грците играло улога во тоа нејзиното влијание да се прошири. Поради судирачките интереси, Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија воделе пропагандна, но понекогаш и вооружена, војна на македонска територија. Дотолку биле големи аспирациите на Грците и Бугарите кон Македонија, што во повеќе наврати дошло до физички судири кај македонски цркви и гробишта. Посебно морничав настан кој вреди да се издвои е откопувањето на починато дете од струмичко само бидејќи неговите родители биле егзархисти. Слични конфликти на гробишта се случувале низ цело струмичко, како и во серскиот и драмскиот санџак. За крај, не смее да се заборави и српската пропаганда која масовно го негирала македонското самоопределување во периодот помеѓу двете светски војни. Таа се карактеризирала со градење на српски цркви, форсирање на српскиот јазик и насилна промена на имињата и презимињата на Македонците. 

Shopping Cart

SPIN TO WIN!

  • Пробајте ја вашата среќа да добиете купон за попуст
  • 1 вртење
  • Без мамење
Пробајте ја вашата среќа
Never
Remind later
No thanks