Два блока, една Македонија
Запад или Исток? Или можеби ниту едното, ниту другото? Често можат да се чујат дебати на оваа тема, со засилен интензитет по почетокот на војната во Украина. Сите засегнати страни во дебатата имаат одредени валидни поенти, но ниту една не е целосно во право.
Светот го сочинуваат големите сили и малите, послабите. Малите, без оглед на нивните формални декларации, не можат да бидат вистински независни и секогаш ќе бидат под нивно влијание – таков е законот на природата и од тоа нема бегање. Тука паѓаат во вода тезите дека Македонија може едноставно да се изолира и да стои настрана од сите случувања во светот: мала држава како нашата, дури и да постигне економска самодоволност, никогаш нема да биде слободна од политичкото влијание на „големите“. Македонците самостојно не успеаја да извојуваат слобода од Османлиите, или да го спречат Букурешкиот и Рамковен договор.
Меѓутоа, македонската политика и народ имаат погрешна претстава за ова прашање. Нашите политичари уште од самиот почеток се определија за Западот, за НАТО и ЕУ, за Америка. Иако тоа тогаш беше единствената добра опција, со текот на времето се појавија повеќе алтернативи, но нашите политичари си ги врзаа рацете со Западот. Наместо членувањето во ЕУ и НАТО да биде алатка за остварување на нашите цели, тоа е нашата цел веќе 30 години.
Политиката настрана, обичните Македонци настапуваат поидеалистички. Забораваме дека и Русија и Америка се империјалистички и дека тие секогаш ќе го ставаат својот интерес пред сѐ останато. Тие секогаш ќе имаат поголема корист од нашите соседи, отколку од мала, слаба, разединета Македонија. Доколку проценат дека тоа е во нивна корист, и Западот и Истокот ќе немаат проблем да спроведат нова поделба на Македонија, како и во минатото.
Бидејќи скоро ништо не зависи од нас, во дипломатијата не треба да се врзуваме цврство за прашања кои директно не нѐ засегнуваат, а треба и да се обидеме да ги држиме картите отворени за билатерална соработка. Во спротивно, ќе се доведеме во ситуација да останеме без гориво, зејтин и пченица – нешто со кое се соочивме неодамна. На крајот, пред сѐ, мораме да најдеме сила во самите себеси, за да не се доведуваме во инфериорна позиција во дипломатската игра.