ВМРО, Втора светска војна, Историја

Независна држава Македонија 1944

Независна Држава Македонија 1944

Единствената релевантна организација која во првата половина на 20 век јасно ја истакнала идејата за независна Македонија била ВМРО. Со почетокот на ВСВ и проширувањето на војната на Балканот целосно се променила политичката состојба: Македонија повторно била поделена, а сега Бугарија под своја контрола го имала најголемиот дел од неа – Пиринска, најголемиот дел од Вар. Македонија и дел од Егеј. Македонија.

Иако иницијално имало дебата кај структурите на ВМРО околу политичкиот правец кој треба да се одреди, преовладал ставот за прифаќање на новата реалност и подржување на бугарската власт. Сепак, последниот водач, протеран од Бугарија и осуден на смртна казна во отсуство – Ванчо Михајлов, од 1941 год. се наоѓал во Загреб и од таму ја следел состојбата и барал начин за остварување на целта: создавање на независна македонска држава. Тој имал блиски односи со стариот сојузник и поглавар на НДХ, Анте Павелиќ, а оддржувал и контакти со германските служби. Од друга страна, Бугарија по преземањето на Вар. Македонија го помилувала Михајлов, најверојатно во обид за негово пацифизирање, но тој одбил да се врати и често ја критикувал нејзината политика.

Македонија како германски адут против бугарскиот цар

Во наредниот период Михајлов бил трн во окото на бугарската влада – и тоа оправдано, бидејќи иако првенствено Германија не покажувала голема заинтересираност за некаква македонска држава, по капитулацијата на Италија во 1943 год. таа покажала интерес и волја за остварување на таа идеја. Германија имала потреба од верен сојузник на Балканот, а една македонска држава би го должела своето постоење на неа и би ѝ била верна. Додатно, таа опција служела и како алатка за заплашување на бугарскиот цар: ако Бугарија откаже послушност, Германија ќе формира македонска држава во делови од нејзината територија. Замислата била веќе формираните антикомунистички чети, како и нови македонски единици кои би биле опремени и обучени од Германците, да формираат македонска војска верна на Третиот Рајх.

Во 1944 год. воената состојба станувала критична за Германија – Црвената армија напредувала кон Балканот. Била донесена одлука за повлекување на германските сили од Грција кон север, па Македонија станала важна стратешка точка. Германија имала потреба од стабилна контрола во тој регион за да се обезбеди премин на нејзините единици. Бугарија од летото истата година започнала преговори за мир со Сојузниците: капитулацијата на Бугарија била извесна и Михајлов добил понуда од Германија за формирање на македонска држава.

Септември 1944: Пристигнувањето на Михајлов и прогласувањето во Скопје

На 4 септември тој пристигнал во Скопје, каде што затекнал неизвесна состојба – бугарската армија се подготвувала за повлекување, комунистичките сили веќе претставувале сериозен фактор, а тој немал реални услови за поставување и одржување на некаква државна власт. Со оглед на таквата состојба, Михајлов на 7 септември го напуштил Скопје и се вратил во Загреб, без да ја изврши зададената задача. Германците се обиделе да го придобијат и Христо Татарчев, нудејќи му претседателска позиција, но и тој одбил. Сепак, старите структури на ВМРО, организирани околу С. Китанчев, Д. Чкатров, Д. Ѓузелов и дрyги на 8 септември 1944 год. прогласиле Независна Држава Македонија. Иако нема извори за формалните граници, таа претендирала врз териториите на Југославија која Бугарија ги добила во 1941 год. + Западна Македонија.

Крајот на проектот НДМ и победата на асномските сили

На територијата на Вардарска Македонија сега постоеле „две Македонии“: едната, асномска, прогласена од комунистите на 2 август и НДМ, прогласена во Скопје на 8 септември. АСНОМ веќе имал контрола врз голем дел од Вар. Македонија со бројни воени формации, а реалноста на теренот била дека НДМ функционирала не подалеку од Скопје, со поддршка на германските единици, сѐ до заземањето на градот од страна на НОВМ на 13 ноември.

Михајлов подоцна истакнал дека Германците ја испуштиле приликата да поддржат формирање на македонска држава во 1941 год., кога идејата за независност имала политички замав кај најшироките слоеви. Прогласувањето во 1944 год. бил очаен обид за задржување на контролата, кога комунистичкиот отпор веќе бил доминантен помеѓу населението – токму тој ја добил привилегијата да ги постави темелите на современата македонска држава.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD