Патриотски приказни
11 октомври: Помеѓу митот и историските факти
Денес Македоците го празнуваат 11 октомври – Ден на востанието на Македонија. Без да се одземе значајот на борбата на македонските партизани за создавање на македонска држава, мора да се образложат некои факти поврзани со 11 октомври и општо народноослободителната борба.
Митот за „првата пушка“ и реалноста на теренот
Најпрво, го славиме 11 октомври како денот кога „пукнала првата пушка“ во Македонија против окупаторот во Прилеп и (на 12 октомври) во Куманово. Сепак, тоа не е вистина. Пиштоли и пушки повремено пукале и претходно; дејствата на партизаните од Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред исто така биле повремени – кумановскиот бил разбиен веќе следниот ден по нападот, а прилепскиот бил разбиен во декември истата година. Со тоа, активниот отпор во Вардарска Македонија бил задушен до крајот на 1941 г.
Зошто се премолчува отпорот во Пиринска Македонија?
До ден денешен се одбегнува и еден друг факт – за прв партизански одред во Македонија се смета Скопскиот, формиран на 22 август 1941 г. (треба да се додаде и дека од вкупниот број на припадници на одредот во текот на ВСВ, 42% биле немакедонци – Срби, Власи, Турци, Албанци). Но и тоа е невистина – првиот партизански одред во Македонија била Разлошката партизанска чета во Пиринска Македонија, формирана од Никола Парапунов на 26 јули 1941 г. Зошто тогаш се занемарува дејството на партизаните од Пиринско, а се чествува Скопскиот одред како прв и 11 октомври како официјален почеток на востанието? Поради едноставна причина: Парапунов и неговата чета дејствувале во склоп на Бугарската комунистичка партија, факт кој бил проблематичен за новите југословенски власти – тие не сакале „легендарниот“ почеток на македонското востание да биде заслуга на БКП.
Судирот меѓу КПЈ и БКП: Случајот на Методија Шаторов
Ривалството помеѓу КПЈ и БКП било особено изразено во епизодата со Методија Шаторов – Шарло. Во тој период тој бил на чело на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Со оглед на тоа што В. Македонија паднала под бугарска власт, тој сакал Покраинскиот комитет да го приклучи кон БКП, за унифицирано дејство на територијата под контрола на бугарската власт. КПЈ, по ургирање кај Коминтерната, успеала да го отстрани Шарло и да ја врати В. Македонија под своја надлежност, а бил формиран нов комитет, лојален на КПЈ.
Оттука може да се заклучи, дека идното повоено „братство и единство“ помеѓу Македонците и останатите југословенски народи можело никогаш да не се случи, доколку во 1941 г. македонските комунисти се одделиле од КПЈ и приклучиле кон БКП. Отстранувањето на Шарло и формирањето на нов Покраински комитет за Македонија (Л. Колишевски, Б. Талевски, М. Нацева, Б. Андреев и Б. Јанков) ја одредило иднината на македонскиот народ, врзувајќи ја неговата судбина со судбината на југословенските народи. Тука не е прашање дали тоа било позитивно или негативно – едноставно се изложува текот на настаните.
Реалниот обем на борбата и почит кон идеалистите
Во врска со самото востание, треба да престанеме да го митологизираме и да му придаваме легендарни пропорции. Отпорот во Македонија бил најмал по бројност, жртви и интензитет во споредба со остатокот од Југославија – во одреден период имало повеќе српски четници отколку партизани во В. Македонија. Бројноста во ниту еден случај не ги негира жртвата и храброста на младите идеалисти кои не ги жалеле своите животи во борбата за слободна Македонија – без разлика дали во Вардарска, Егејска или Пиринска – но нема потреба да се сквернави поменот на нивното дело преку преувеличување на борбата, како да биле срамни и недоволно големи нивните реални подвизи.
За улогата на македонските партизани и НОБ беше дискутирано и претходно на овој профил – повоените случувања и одредени неправди не можат да им се припишат на идеалистите, на борците кои секојдневно ги ризикувале своите животи, кои гинеле кај Буковиќ, Кленоец и Дренак, за кои беше пишувано тука. Поедноставувањето на тој дел од историјата со тези како „комунистите не знаеле за национална припадност“ се многу грешни – одговорот на таквите поедноставувања заслужува посебна објава.
Почит и слава на македонските борци!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери