2001: Операција МХ-1
Операцијата „МХ-1“ е една од првите поголеми операции во војната од 2001 година. Заземањето на Тетовското кале од диверзантско терористичките групи на албанската „ОНА“ предизвикало интензивни подготовки за негово враќање, како и дополнителни подготовки за идни операции. Предвесник на операцијата „МХ-1“ е операцијата МХ во која било извршено разбивање на силите во тетовско. Терористите дале отпор на неколку места, посебно кај Гајре и Шипковица како и кај самото Кале. Сепак, македонските воени сили ги освоиле и опколиле сите поважни локации. Чистењето на селата од терористи било откажано поради бројното цивилно население во истите.
Веднаш по тетовската операција започнале подготовките за операција „МХ-1“. Таа имала за цел да го исчисти целиот пограничен простор кон границата со Косово. Требало да се поседнат сите правци и тактички објекти на просторот и да се овозможи целосно функционирање на органите на власта. Исто така, од голема важност било и потенцијалното прекинување на комуникациските линии кое требало да се постигне со оваа операција. За изведување на „МХ-1“ бил ангажиран Првиот армиски корпус, баталјонот на воената полиција, граничната бригада како и локалните сили на МВР. Уште во почетните подготовки на операцијата се појавиле проблеми.
Имено, некои од единиците задоцниле со пристигањето на нивните позиции бидејќи така им било наредено од непознати лица. Иако за самата операција знаеле највисоките претставници на државата, таа била разоткриена пред нејзиниот почеток. Во 5:30 часот на 29 март биле забележани новинарски екипи на патиштата кон Скопска Црна Гора. Поради гореспоменатото доцнење на единиците на Третата пешадиска бригада, операцијата била одложена за два часа и требало да започне во осум часот. Во текот на операцијата македонските сили не наишле на голем отпор од терористите на ОНА. Најголемиот дел од нив панично се повлекле преку незатворените делови на косовската граница. Терористите кои не успеале да побегнат, како тие од селата Глажње и Думановце, биле разбиени без пружање на голем отпор.
Двете успешни операции можеле да доведат до брз крај на конфликтот. Единственото нешто што фалело е волја од државниот врв, но неа за жал ја немало. Наскоро ќе продолжат операциите низ територијата на Македонија, а една од нив ќе биде и кумановската „МХ-2“.