Патриотски приказни
ЗАГОВОРОТ ПРОТИВ ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ
Контроверзното убиство на Тодор Александров
Убиството на Тодор Александров е контроверзна тема, дури и 100 години подоцна. Самото убиство се случило во предвечерието на окружниот конгрес на Серскиот револуционерен округ, на кој требало да присуствува и Александров во обид да ја стабилизира состојбата во организацијата по скандалот со Мајскиот манифест.
Хронологија на убиството
Ноќта на 30 август Александров и Протогеров, со двајца телохранители Панзо Зафиров и Христо Балвански, тргнале со кола на пат за месноста Лопово на Пирин каде што требал да се одржи конгресот. Утрото на 31 август (без Христо, кој останал во Горна Џумаја) биле пречекани од војводите Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров, а со нив биле двајца курири Динчо Сугарски и Динчо Балкански. Околу 15 часот групата се сопрела за одмор близу Сугарска река и тука бил извршен злосторничкиот чин: Влахов и Вретенаров го застрелале Александров, а Панзо, кој задремал, се разбудил и се обидел да ја фати својата пушка, но бил застрелан од Динчо Балкански. Протогеров не бил нападнат, но се онесвестил од ситуацијата. Убијците ги сокриле телата на убиените во шумата и го напуштиле местото. Така завршил животот на Александров.
Познатите извршители и првичните сомнежи
Што е познато, а што е сè уште неразјаснето во однос на убиството? Познати се физичките извршители на убиството: војводите Штерјо и Вретенаров, а учесници во убиството се и двајцата курири Сугарски и Балкански, кои од војводите биле известени за планот на денот на убиството. Двајцата војводи по чинот испратиле писмо до Серскиот конгрес во кое известиле за убиството на Александров со изјава дека Александров имал намера да ги ликвидира и биле оставени без избор (за Штерјо имало сомнеж дека бил комунистички шпион и тој стравувал дека ќе биде убиен без пресуда).
Потрага по „интелектуалните убијци“
Сепак, ниту една страна не се задоволила со тое објаснување и уште од првиот ден се трагало по „интелектуалните убијци“. Иако нема директни докази, било прифатено дека наредбата за убиство била дадена од страна на војводата Алеко Василев-Пашата и потполковникот Георги Атанасов, двајцата водечки фигури во Серскиот револуционерен округ. Во наредниот период сите гореспомнати биле убиени во одмаздничката акција на ВМРО. Причината за убиството и вистинскиот нарачател на убиството сè уште не се разјаснети.
Три верзии за мотивите зад убиството
А) Внатрешна пресметка во ВМРО
Познато е дека состојбата во ВМРО била нестабилна, со поделен ЦК, со ослабена дисциплина и загубена мотивација. Односите помеѓу Александров и Протогеров биле нарушени – вториот имал блиски односи со Алеко Пашата и Георги Атанасов, а овие две водечки личности од Серскиот округ биле осомничени за матни финансиски зделки со кои стекнале големо богатство и влијание во Петричко и околината. Се верува дека Александров планирал да ги исклучи од организацијата на престојниот Серски конгрес и оттука е можно да имале мотив да го елиминираат и да ја сочуваат својата положба. Притоа, можно е тоа да било искористено од страна на трет фактор кој би им пружил поддршка.
Б) Улогата на Коминтерната
Можно е убиството да било резултат на одрекувањето од Мајскиот манифест со што ВМРО се оддалечила од советското влијание, па Коминтерната би имала интерес од отстранување на Александров.
В) Вмешаност на бугарската влада
Можно е убиството да било резултат на потпишувањето на Мајскиот манифест со што ВМРО се компромитирала пред бугарската власт како непријателска сила и алатка на Коминтерната. Иако Александров се одрекол од манифестот, владата на Цанков – која веќе имала затегнати односи со ВМРО – ја загубила довербата во него и имала повод за промена на раководството на ВМРО.
Истражувањата и објавените книги по убиството
По убиството на Александров, ВМРО започнала истрага и биле собрани искази од повеќе дејци и документи. Биле објавени во име на организацијата истата 1924 г. во книгата „Заговорот против Тодор Александров“. Во неа, врз основа на собраните податоци, како виновници за убиството бил посочен круг околу Коминтерната, БКП и македонските левичарски сили.
Две години подоцна, во 1926 г., ВМРО Обединета ја објавила книгата „Предавниците на македонското дело“, во која како организатори на убиството се посочени Протогеров, Михајлов и нивните соработници – во соработка со „фашистичкиот режим“ на Бугарија. Двете страни имале аргументи кои звучеле возможно.
Внатрешни пресметки и подоцнежни обвинувања
Четири години подоцна Михајлов го ликвидирал Протогеров со обвинение за соучество во убиството на Александров, а подоцна за истото бил осомничен и самиот Михајлов. Половина век подоцна, во своите спомени, Михајлов изнел верзија блиска до комунистичката – обвинувајќи го „бугарскиот врховизам“ со Протогеров и офицерите од Воениот сојуз како главни осомничени.
Анализа на различните наративи
Дупки можат да се најдат во сите наративи. Комунистичкиот се засновал на „логика“ без докази, а наративот на ВМРО на „логика“ поткрепена со искази и документи. Факт е дека одредени клучни писма не биле објавени во јавноста, а изоставувањето на Протогеров од првата книга укажува на политичка тактика.
Во однос на Михајлов, може да се говори за негово фаворизирање од бугарски воено-политички кругови по смртта на Александров, но нема силни показатели дека имал врска со самиот заговор.
Што се однесува до наводниот комунистички заговор – иако можно, достапните податоци укажуваат дека Коминтерната повеќе сакала да го дискредитира Александров отколку физички да го елиминира.
Заклучок: Мистеријата што сè уште не е разрешена
Без цврсти докази се посочувало кон сите кои имале врска со физичките убијци. Сите трагале по „интелектуалните убијци“ кои остануваат непознати – доколку ги имало. Поголемо внимание на личните мотиви на атентатот е посветено во трудот „Убиството на Тодор Александров“ од Кирил Прличев (2002 г.) и „Една стогодишна тајна – Убиството на Тодор Александров“ од проф. д-р Никола Жежов.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD.
Маици
Дуксери