Патриотски приказни
Охридско-дебарско востание
Оваа година одбележуваме 110 години од Охридско-дебарското востание против српската окупација, подигнато од македонското и албанското население од споменатите региони. Востанието траело од 20 септември до 4 октомври (7-20 септември стар стил) 1913 год., а страдањето предизвикано од српските одмазднички акции било едно од потешките во македонската историја.
Од Букурешт до подготовките за востание
Ден по потпишувањето на Букурешкиот мировен договор, ЦК на ВМРО оддржало советување на 11 август на кое било решено да се надминат недоразбирањата и сите сили да се насочат кон ревизија на одлуките на Букурешкиот договор. Биле упатени меморандум и делегација до Големите сили, но набрзо било увидено дека не постои интерес за дипломатско решавање на прашањето и започнале подготовки за востание.
Мрежа, сојузи и поддршка
ВМРО – чија база од тогаш било Пиринско – започнала со обновување на организациската мрежа во Вардарскиот и Егејскиот дел на Македонија, каде што започнал тежок гнет против македонскиот народ. Идејата била да се подигне востание во Западна Македонија, бидејќи тогаш главнината на српските воени и паравоени сили се наоѓала во Источна Македонија, а за оваа идеја се нашло заеднички јазик со Албанскиот револуционерен комитет, кој во тој момент се стремел кон истото: отфрлување на српската власт. Поддршка имало и од албанската влада, со која преговарал Јане Сандански, а која на своја територија помагала во подготвувањето и организирањето на востаниците.
Искра и почеток (20 септември 1913 / 7 септември с.с.)
Востанието започнало порано од предвиденото, кога четата на долнодебарскиот бајрактар Селим ага била откриена на 20.09 (07.09 с.с.) во Пешкопеја (тогаш под српска окупација) и започнал судир со српската војска – по ова востанало цело Дебарско. На 22.09 (09.09 с.с.) обединетите востаници го ослободиле Дебар и воспоставиле мешана македонско-албанска управа.
Ослободувања во Струга и Охрид (12/25 септември)
Од ослободениот Дебар востаниците се упатиле кон Струшко и Охридско, каде продолжиле со гонење на српската војска и администрација. Во празнична атмосфера на 25.09 (12.09 с.с.) четите на Чаулев и Павел Христов со други востаници влегле во Охрид, а била ослободена и Струга.
Организација и план за Битола и Кичево
Револуционерна власт била воспоставена во целиот тој крај, настапила неколкудневна пауза од борбени дејства – време кое српската власт го искористила за мобилизација на нови војници и префрлување на четнички сили. На 28.09 (15.09 с.с.) бил оддржан совет во Охрид на кој Петар Чаулев бил избран за главен командант на сите востанички сили и била донесена одлука за ослободување на Битола и Кичево.
Контраофанзива и повлекувања (крај септември – почеток октомври)
Востаниците ги зазеле позициите за продор кон Битола, но токму пред наредбата за тргнување биле нападнати од српски сили кај с. Петрино и морале да отстапат. Меѓувремено четата на Чаулев по жестока борба ги поразила српските сили кај Иванчишта и на 30.09 (17.09 с.с.) го ослободила Кичево, но веќе наредниот ден морала да се повлече откако пристигнале српски засилувања и артилерија. Од тогаш востаниците биле во постојано повлекување под налетот на српските сили кои зад себе оставале опустошени села. На 01.10 (18.09 с.с.) српските сили го нападнале и освоиле Дебар – во Дебарско загинале 300 албански востаници, а на 03.10 (20.09 с.с.) српските сили повторно го окупирале Охрид.
Задушување и исход
Чаулев дал наредба за расформирање на востаничките чети на ВМРО во помали одреди за повремено продолжување на борбата. Еден таков одред ја водел последната битка кај с. Илино, Ресенско. Главнината на востаниците со водачите и со голем број албански и македонски бегалци се повлекле кон Албанија преку Голо Брдо. Востанието било задушено.
Последици и човечка цена
Во востанието учествувале 3-4.000 востаници против многу побројните српски сили. Последиците биле катастрофални за населението во востанатиот регион: стотина села биле запалени, опустошени или ограбени, Дебар бил разурнат, покрај стотиците загинати востаници биле убиени и над илјада цивили, а 30.000 луѓе побегнале во Албанија и Бугарија. Да не се заборави – слава им на паднатите!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери