Патриотски приказни
Идеологијата на партизаните
Левичарските идеи биле присутни во македонското ослободително дело од неговата појава, но дури и помеѓу тие разновидни идеи комунизмот не секогаш бил доминантна идеологија. Меѓутоа, колку доминирал тој помеѓу македонските партизани во текот на ВСВ?
Почетоците на комунистичкото движење
Во јуни 1941, за време на инвазијата на Југославија, КПЈ (забранета од 1920 г.) имала вкупно 8.000 членови и 30.000 скоевци, а во В. Македонија партијата имала неколку стотици членови и симпатизери.
Тоа било така бидејќи, како и претходно, со идеологијата се занимавала интелигенцијата помеѓу градското население, а тогаш околу 75% од населението во В. Македонија било селско, 80% било неписмено (наспроти 10% во Словенија), а индустријата сè уште била во зародиш: во Вардарска Македонија биле 1,24% од индустриските работници во кралството (во Словенија 10 до 12 пати повеќе).
Составот на првите партизански одреди
Во В. Македонија партиските членови биле работници, занаетчии, интелектуалци и ученици од градовите, а првите три партизански одреди од 1941 г. биле целосно составени од нив.
Во остатокот од Југославија, каде што борбата била многу поразгорена, до 1942 г. вообичаено околу 30–50% од борците во партизанските одреди и бригади биле комунисти, додека во т.н. „пролетерски бригади“ комунистите сочинувале и до 60%.
Ограниченото влијание на комунистичката идеологија во 1941 г.
Од погоре кажаното произлегува дека во 1941 г. во В. Македонија комунистите биле малубројни, меѓу населението ретко кој знаел за прогласот на КПЈ за востание, или за некаква заедничка борба за нова Југославија и за социјалистичка револуција.
Важно е да се истакне дека во Југославија бил воспоставен антифашистички народен фронт кој предвидувал широк сојуз на демократски и либерални сили против заедничкиот непријател, односно востанието започнало и било предводено од комунистите, меѓутоа претставувало широк сојуз кој не бил класен или пролетерски.
Омасовувањето на партизанските сили
Во 1942 г. низ В. Македонија се појавиле десет одреди и три партизански групи, а некои од нив биле разбиени. И тогаш бројноста на партизаните била мала, борците сè уште биле партиски членови од градовите, но за прв пат се појавиле и селани.
Наредната 1943 г. се омасовиле партизанските сили и се формирале првите воени баталјони и бригади – мнозинството борци веќе биле од селата.
Социјалниот состав и идеолошката реалност
Што ни кажува тоа? Ни кажува дека најголемиот дел од учесниците во Народноослободителната борба биле селани, луѓе кои не знаеле да читаат и пишуваат, кои не биле запознати со политички теории и не биле некакви комунистички идеолози.
Притоа, од градските средини имало и борци кои не биле комунисти: најистакнат пример е Ченто, првиот претседател на президиумот на АСНОМ.
Идејното водство и националниот идеал
Покрај тоа што движечка сила било селанството, идеен насочувач бил граѓанскиот слој и интелигенцијата. Со кои идеи таа го привлекла населението и го насочувала?
Одговорот може да се најде во бројните прогласи и манифести издадени во текот на војната. Во Манифестот на НОВ и ПОМ од октомври 1943 г. прв пат била обликувана платформата на борбата: таму како крајна цел не била истакната пролетерска или социјалистичка револуција, туку била истакната „својата голема идеја – ослободувањето на Македонија“.
Како и таму, така и во Манифестот на АСНОМ и во сите останати прогласи, предничел идеалот за национално ослободување и за воспоставување на обединета македонска држава, за да може македонскиот народ за прв пат да се „осети во Македонија како во своја куќа“ (од Манифестот на АСНОМ), а притоа се повикувало и на идеалите на илинденците.
Тоа биле идеалите со кои бил мобилизиран македонскиот народ, а класни тематики и комунизам отсуствуваат од истите тие прогласи.
Заклучок: национално-ослободителна, а не класна борба
Заклучокот е следниот: две децении нелегалната комунистичка партија ја градела својата мрежа во В. Македонија и со својата комунистичка програма придобила стотици членови и симпатизери, спремни за политички прогон и затворски казни; кога како главна идеја било истакнато ослободувањето на Македонија, под нејзино водство се построила цела армија на луѓе подготвени да гинат за таа идеја.
Организаторската и водечка улога на комунистите не треба да се омаловажи, ниту пак треба да се смета дека нивните социоекономски погледи воопшто немале улога во мобилизацијата на народот, но факт е дека партизанското движење пред сè било национално-ослободително и граѓанско-демократско, единствено кое се борело за заштита, ослободување и обединување на целиот македонски народ, а како такво го придобило.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери