Патриотски приказни
Левичарството во ВМРО
Темата за левичарството во редовите на ВМРО (говориме главно за периодот пред ПСВ) често е табу во десничарските и националистички кругови во Македонија, а тоа е резултат на анахроното разбирање за левичарството во 19 и раниот 20 век.
Да се расчисти од почетокот — во времето на Карев, Делчев и Сандански, левичарот не трошел време размислувајќи за права на хомосексуалци, трансродови лица, дрег кралици и имигранти; не протестирал за отворени граници, за нормализација на дебелината и не си ја фарбал косата виолетова.
Интелигенцијата како носител на идеологијата
Треба да се истакне дека со идеологии се занимавала интелигенцијата – учителите, свештениците, занаетчиите во градовите. Таа во времето на Осман. Царство претставувала мал дел од македонското (воглавно селско) население, а доминирала во ВМРО во првите години, пред нејзиното омасовување – потоа главнината од припадниците веќе не биле интелектуалци запознаени со политички теории.
Зошто левичарски идеи во ВМРО?
Но зошто помеѓу самата револуционерна интелигенција толку често наоѓаме левичарски идеи? Бидејќи по принцип најголемиот дел од револуционерните идеи ТОГАШ се сметале за левичарски.
Тие идеи биле потребни бидејќи населението, кое имало слаба национална свест, тешко се убедувало да гине за апстрактни политички и национални цели. Морало да се допре и до непосредните интереси на мнозински селското, необразовано и сиромашно население.
Дали имало смисла на тоа закрепостено и безимотно население да му се проповеда за капитализам и слободен пазар, или воопшто и самите револуционери да се интересираат за тие идеи?
Како се сфаќал социјализмот тогаш
За најголемиот дел од идеолошката револуционерна интелигенција, социјализмот бил систем на демократско и републиканско управување заснован на заедничко добро, колективни слободи и рамноправност.
Притоа се црпеле идеи од Француската револуција, националните револуционери, марксистичката и анархистичка теорија и други револуционерни идеи – сите тие според тогашниот политички спектар најчесто се наоѓале на левата страна.
Со социјализам се одликувал и општиот социоекономски пристап на ВМРО – вклучително и на дејци од „конзервативната“ струја – бидејќи тоа одговарало на тогашните потреби, иако малкумина биле свесни познавачи и застапници на левичарство.
Што значело „десничарство“ во тоа време
Таквата настроеност може дополнително да се појасни и преку поглед на десницата во ТОА ВРЕМЕ. Тогаш таа се одликувала со монархизам, реакционерство, традиционализам, односно зачувување на постоечкиот поредок.
Во Македонија постоечкиот поредок бил угнетувачки – политички и економски – и тогаш во полза на македонскиот народ едноставно не биле конзервативни, туку револуционерни идеи.
Од тие причини немало „идеолошка десница“ во ВМРО, бидејќи идеите што ТОГАШ се сметале за десничарски не одговарале на потребите на борбата.
Левичарството пред болшевизмот
Важно е да се има во предвид и дека левичарските идеи се и биле многу и разни, а во времето за кое говориме болшевизмот сè уште не бил доминантна комунистичка идеологија – сè уште ги немало СССР, обидите за практична примена на марксистичката теорија и смртта на десетици милиони под комунистички режими.
Оттаму, револуционерите не можат да се поистоветуваат со нешто што не постоело во нивно време.
Општествено-економски услови во Македонија
Во нивно време во Македонија немало развиена индустрија и пролетаријат, економијата се засновала на земјоделието, а и самата интелигенција била во зародиш.
Левичарските идеи кои тогаш сè уште еволуирале и се обликувале, помеѓу македонските револуционери немале тежок нагласок на длабоки економски теории за класна борба и материјализам, бидејќи социоекономските околности во Македонија биле поразлични од оние на кои се осврнувала марксистичката теорија.
Националната борба како примарна цел
Додека во поразвиените земји за левичарите главна тема била класната борба, во Македонија тоа била националната.
Нашите револуционери не ги напаѓале поимотните Македонци безобзирно, туку преземале мерки само против тие кои соработувале со непријателот и биле глуви и слепи за ослободителното дело и маките на својот народ.
Левичарските идеи пред сè биле алатка во борбата за ослободување на Македонија и за социјални правдини за угнетениот народ.
Историски контекст на левичарската борба
На крај, говориме за борба против систем во кој немало нешта кои денес ги земаме здраво за готово: немало ограничено работно време и загарантирана минимална плата, деца работеле по цели денови на полиња и во работилници, многумина немале сопствен имот и слугувале на чифлизи итн.
Затоа не е чудно што имало и „тврдокорни“ левичарски дејци.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери