Патриотски приказни
Горноџумајските атентати
Горноџумајските атентати означуваат еден крвав период од историјата на македонското револуционерно движење, и предвесник на бројните поделби на истото кои се случиле во наредниот период. Се работи за настан организиран од десницата на македонското движење против идејни дејци на левицата, главно поради одмазда за убиството на Тодор Александров.
Одмаздата за убиството на Тодор Александров
Веднаш по убиството на Тодор Александров, десницата околу Иван Михајлов се организира да го одмазди Стариот и да ги пронајде убијците и нарачателите на убиството на легендарниот водач. За организатори на атентатот се прогласени дејци на МФО, Илинденската организација и групата околу Алеко Василев – Пашата. Наум Томалевски, Кирил Прличев, Петар Шанданов, Кирил Дрангов и Панчо Михајлов се само дел од сите кои учествувале во оваа одмазда. Самиот Михајлов не бил во Горна Џумаја, бидејќи наводно бил болен.
Подготовките за акцијата
Така, на 12 септември била договорена средба меѓу ВМРО и Илинденската организација за наводно да се надминат недоразбирањата во движењето. Еден ден порано, групата на Михајлов пристигнува во Горна Џумаја за да се подготви акцијата. Била известена и локалната милиција. На 12 септември првин се одржала средба меѓу Алеко Василев и Георги Атанасов со Протогеров, Шанданов и други. Вечерта пристигнале и раководителите на Илинденската организација.
Планот за ликвидациите
Планот бил следен — Шанданов и Јордан Ѓурков истовремено да стрелаат во Георги Атанасов, а Панчо Михајлов и Дрангов во Алеко Василев. Средбата била во куќата на Панајот Рајнов. Во еден момент, Шанданов и Дрангов пукале кон Алеко, а другите двајца изненадени од предвременото почнување на акцијата запукале преку прозорците кон собата на Атанасов, кој некако избегал. Горна Џумаја била блокирана и од генералот В’лков. На 13 септември бил убиен Георги Атанасов во обид да избега од Горна Џумаја.
Атентатите надвор од Горна Џумаја
Атентатите се прошириле и надвор од денешен Благоевград. Во Петричко биле опколени физичките убијци на Александров, кои се самоубиле. Во Петричко биле убиени и браќата Елшански, блиски на гореспоменатите атентатори. Како приврзаници на Пашата биле убиени и Васил Попстојанов и петричкиот војвода Танчо. На 17 септември на Пирин Планина бил убиен Арсениј Јовков. Во Разлишко настрадале Георги Ковачев, Пенков и Александар Бујнов. Во Софија биле убиени Димо Хаџи Димов, Ангел Василев и Владислав Ковачев.
Последици и значењето на атентатите
Првичнат цел на Горноџумајските атентати била одмазда за убиството на Стариот, но истите биле искористени и за идеолошки пресметки во редовите на македонското движење. Овие атентати биле нов крвав преседан чии последици се чувствувале со години, а довербата во македонското револуционерно движење никогаш не се опоравила.
Маици
Дуксери