Идеологија, Историја

Заедницата – низ мислите на Кикерон

Заедницата - низ мислите на Кикерон

„Човечката заедница и врската помеѓу луѓето најдобро ќе се зачува, ако најмногу добрина му се укажува на ближниот“, запишал Кикерон, политичар и еден од најголемите римски филозофи и оратори, кој живеел во првиот век пред Христа.

Тој во своето дело „За должностите“ (De Officiis) посветува внимание и на прашањето за должноста на човекот кон својата заедница. Еве што велел Кикерон пред 2000 години за заедницата:

Кикерон за облиците на човечко здружување

„Постојат повеќе облици на здружување помеѓу луѓето. Ако се изземе онаа општа врска, следна по ред е припадноста на исто племе, на ист народ и на ист јазик, врска со којашто луѓето меѓусебно се најцврсто поврзани; уште позначајна од неа е припадноста на ист град.

Многу нешта им се заеднички на жителите на еден ист град: форумот, светилиштата, тремовите, улиците, законите, заедничките права, судовите, правото на глас, обичаите и пријателствата, меѓусебните договори и деловните врски.“

Треба да се има во предвид дека Кикерон говори низ призмата на едно друго време, кога светот се чинел помал и кога луѓето првенствено се идентификувале со градовите од кои потекнувале.

Но јасно е на што алудира: на врската помеѓу луѓето преку споделените крв, јазик, обичаи, верувања – тогаш племенската и градската, а денес етничката и националната поврзаност.

Заедницата како продолжение на семејството

Кикерон веднаш продолжува:

„Од онаа огромна заедница на човечкиот род, се стеснува еден мал и тесен круг… Првото здружување настанува со самиот брак, следното со децата, потоа со заедничкиот дом и со сѐ што е заедничко. Токму тоа претставува темел на градот и расадник на државата.

Следуваат врските помеѓу браќата, потоа меѓу братучедите и нивните деца, кои повеќе не можат да се соберат во еден ист дом… следуваат женидби и роднинства… од кои произлегуваат уште многу други роднини; ова раширување и ова потомство е всушност почетокот на државата.

Крвната врска цврсто ги поврзува луѓето со благонаклоност и љубов“, па понатаму додава: „Големо е заедништвото што се создава со заемно давање и примање доброчинства, кои сѐ додека се заемни и пријатни, ги соединуваат луѓето кои ги поседуваат во цврста заедница.“

Природата на човечките разлики

Како што може да се забележи, во текстот се спомнува заедништво, пријателство, љубов, а не поделби, непријателство, омраза.

Сите луѓе не се исти и сите ние сме поделени по многу основи кои не секогаш зависат од нас: биолошки, културолошки, класни.
Сакале или не, помеѓу луѓето постојат разлики.

Природно е за секој човек да биде повеќе наклонет кон оние со кои споделува нешто – исти интереси или ставови – отколку кон оние со кои нема многу заедничко. Дури и во една иста група на луѓе кои ни се блиски, со некои се согласуваме повеќе отколку со други – затоа имаме познаници, другари и најдобри другари.

Редоследот на човечките должности

Кикерон вели дека „секоја чесност почива врз почитувањето на должностите во животот“, а понатаму го поставува прашањето:
„Која од две чесни постапки е почесна?“

При вршење на должностите, треба да споредиме која должност е поголема. Ако ние се грижиме за најдобрите другари повеќе отколку за останатите, тоа не значи дека ги мразиме другите, туку дека поставуваме приоритет во нашата другарска должност.

Ние ги сакаме нашите родители повеќе од останатите, а за нашиот брат или сестра би се жртвувале како за ниту еден друг. На ист начин, нашите деца се поважни за нас од било кое друго дете во светот.

Човек кој не ги поставува своите должности на овој начин треба да ги преиспита своите морални начела, а тие околу него треба да внимаваат.

Татковината и редот на вредности

„Ако дојде до некаква препирка или споредување околу тоа кому треба најмногу да му се одолжиме“, пишува Кикерон, „тука на прво место би биле татковината и родителите, на кои заради најголемите доброчинства и најмногу им должиме,следни би биле децата и семејството, кое од нас очекува сѐ и кое не може да пронајде ниту едно друго прибежиште, потоа блиските, со кои најдобро се сложуваме и со кои ни се заеднички и имотот и повеќе работи.“

Со должна почит кон големата мисла на Кикерон, би сакал да го истакнеме овој редослед на должност, од најмалата кон најголемата заедница: семејството, пошироката фамилија, нацијата, расата, човечкиот вид. Вечниот принцип е своето пред сѐ, а при препирка помеѓу должностите – постојат приоритети.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD