Патриотски приказни
Пожарот во Скопје и крајот на златната доба
Во 1683 год., османлиските сили доживеале тежок пораз од Светата лига пред портите на Виена, а овој пораз ставил крај на понатамошното ширење на Османлиите кон срцето на Европа. По победата, Светата лига започнала своја офанзива против Османлиите, истерувајќи ги од Унгарија и Трансилванија, а потоа австриската војска продолжила со офанзива кон Балканот. По победата кај Ниш, дел од неа на чело со италијанскиот генерал Пиколомини продолжил на југ кон Косово. Таму дошло до нов судир кај Качаник, во кој Османлиите повторно биле поразени и започнале да се повлекуваат кон Скопје.
Напредокот на Скопје пред налетот на Пиколомини
Градот Скопје во тоа време ја доживувал својата „златна доба“. Уште од времето на српските владетели во 14 век градот започнал да се шири надвор од ѕидините, кон ридот Гази Баба, а бил украсен со убави цркви, манастири и пазари, привлекувајќи трговци од Венеција, Дубровник и други места – сето ова допринело за економскиот развој на градот, кој се претворил во важен трговски центар на Балканот. Падот под османлиска власт предизвикал промени во демографијата и изгледот на градот, кој започнал да наликува како источните градови со џамии (голем дел од нив преобратени цркви), каравансараи и амами. Во 1572 год. ја добил Саат кулата, главно обележје и прва од таков вид во европскиот дел на Османлиското Царство. Градот продолжил да се развива и околу 1650 год. броел помеѓу 30.000-60.000 жители, еден од најголемите градови на територијата на идната Југославија покрај Белград и Сараево (за споредба: во тоа време Дубровник како главен трговски центар имал 7.000 жители).
Пред налетот на генералот Пиколомини, османлиските сили и голем дел од жителите го напуштиле Скопје. Австриската војска непречено влегла во градот на 25 октомври 1689, но увидела дека во него владее епидемија на колера. Пиколомини запишал: “Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со продукти. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот“.
Опустошувањето на градот од австриската војска
Истиот ден Пиколомини наредил градот да биде запален. Пред да го напушти, австриската војска ги опожарила населбите, а пожарот траел два денови и го уништил најголемиот дел од Скопје: само некои од камените градби, како на пр. Саат кулата, тврдината, некои од џамиите и црквите, поминале со помала штета. Градот бил оставен во рушевини. Во ноември османлиските сили повторно влегле во градот, каде што го погубиле заробениот водач на македонските христијански востаници Карпош: тој бил набиен на колец крај Камениот мост, близу местото каде што денес се наоѓа неговиот споменик.
Златната доба на Скопје била завршена, а на градот му требало долго време за да се опорави. Го загубил значењето како главен регионален трговски центар, а бројот на жители бил значително помал во наредните векови. Околу 1836 год. Скопје имало 10.000 жители, додека Битола имала 40.000, а Штип 15-20.000. Со градењето на пругата Скопје-Солун во 1873 год. градот повторно започнал да добива на значење, а миграцијата од селата допринела за зголемување на бројот на жители и менување на демографската слика во корист на христијаните.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери