Патриотски приказни
Букурешки договор 1913
110 ГОД. БУКУРЕШКИ ДОГОВОР
Тешка била маката на петвековната османлиска робинка Македонија, но оваа робинка не можела ниту да претпостави дека катастрофата од 1913 година ќе донесе уште потешка судбина.
Навистина, малку биле оние кои можеле да претпостават. Еден од нив бил визионерот К. П. Мисирков, кој во 1903 год. во својата книга „За македонските работи“ предупредил што ќе се случи доколку борбата за Македонија не се води под превезот на македонски национализам и доколку македонските Словени не се обединат под знамето на засебна македонска нација. Тој укажувал на тоа дека целосно припојување на Македонија кон една од балканските држави е просто невозможно, а дека соседните големодржавни идеи кои наоѓале своја поткрепа и помеѓу самото македонско население можат единствено да доведат до најголемата од сите несреќи – распарчувањето и разделувањето на македонската земја и македонскиот народ.
Визијата на Мисирков и предупредувањето за идната катастрофа
За жал, македонските Словени продолжиле со поделби и со борби за туѓи центри. Уште имало егзархисти и патријаршисти, србомани и бугарски националисти, социјалисти со наднационални гледишта, додека оформена македонска национална мисла сѐ уште се мачела да се пробие помеѓу народните маси.
Претскажувањето на Мисирков се исполнило во 1913 год. со потпишувањето на Букурешкиот договор, со кој територијата на Македонија била поделена помеѓу соседните држави. Сите тие добиле дел – помал или поголем – и двете крвави балкански војни ги завршиле со некаква придобивка и поголема територија од пред почетокот на војната во 1912 год. Единствениот кој немал придобивка и само загубил од целата ситуација бил македонскиот народ.
Поделбата на Македонија во 1913 год. е најголемата катастрофа во историјата на македонскиот народ. Таа поделба доведе до меѓусебно отуѓување на делови од еден ист народ, кој така расцепкан низ годините беше уште поинтензивно измачуван, прогонуван и асимилиран. Опустошени или грцизирани се македонските села во Егејска, во Пиринска не останаа многумина со македонска свест, а денес и во вардарскиот дел се води борба за опстанок на македонскиот народ.
Да помниме и да не заборавиме за старите огништа, за тоа кој нѐ делел и за тоа кои навистина се нашите браќа и сестри.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери