Патриотски приказни
Како беше донесена одлуката за Илинденското востание
Востание како главно средство за извојување на слобода за Македонија било предвидено уште со Уставот на ТМОРО од 1896 год., а сепак во времето кога се донела одлуката за востание таа била контроверзна и предизвикала поделби во револуционерното движење.
Одлуката за востание била донесена на Солунскиот конгрес во 1903 год. кој се оддржал помеѓу 15-17 јануари (2-4 јануари стар стил), но на конгресот не биле поканети голем дел од најистакнатите дејци. Околу истиот тој период било оддржано советување на Задграничното претставништво во Софија, на кое присуствувале повеќе истакнати дејци, (меѓу кои Г. Делчев, Ѓ. Петров и др.) и на кое имало спротивставени гледишта и завршило со компромисно решение за почеток на засилени партизански дејства, но одлуката на Софиското советување не влијаела врз одлуката на Солунскиот конгрес, која веќе била донесена пред крајот на советувањето. Дополнително, ЦК издејствувал привремено помирување со Врховниот комитет и учество на неговите чети во востанието, а бугарската влада ветила морална и материјална поддршка, меѓутоа истовремено го забранила Врховниот комитет и држела растојание од револуционерното движење за да избегне одговорност за востанието.
Одлука донесена без консензус
Покрај постоењето на различни ставови, согледувајќи дека одлуката за востание е свршен чин сите дејци започнале со подготовки за него. На Смилевскиот конгрес на Битолскиот округ оддржан помеѓу 2-7 мај (17-22 април с.с.) била потврдена одлуката за востание и бил избран ГШ за Битолскиот рев. округ, а конгресот решил борбата да биде партизанска, а не масовна. На 28-29 јуни се оддржал и Конгресот на Петрова Нива од страна на Одринскиот рев. округ, кој исто така го прифатил свршениот чин и започнал со подготовки за востание.
Во јуни бил изработен Општ план за востанието, со кој било предвидено дека во согласност со одлуките од Солун и Софија борбата треба да биде герилска/партизанска со дејствување на четите низ целата земја, но без кревање на целиот народ. Целта не била да се порази Турција, туку да не се дозволи таа да го задуши востанието додека не се вмешаат надворешните сили. За почетен датум бил одбран празникот на Св. Илија.
Во однос на дискусиите и дебатите за востанието главни застапници за кревање на востание биле И. Гарванов (претседател на ЦК) и задграничните претставници Х. Матов и Х. Татарчев, а против биле Ѓ. Петров и Г. Делчев. Двете страни имале свои аргументи.
Две спротивставени визии за борбата
Групата која сметала дека не треба да се крене востание во тоа време тврдела дека востанието како идеја било главно „плашило“ против Османлиите, а доколку започне неподготвено тогаш би се загубило најголемото средство во борбата. Тие истакнувале дека народот не бил доволно вооружен, ниту пак морално и материјално подготвен, па успехот на востанието би зависел од уфрлување на чети од Бугарија со што организацијата би се компромитирала пред балканските соседи и гоелмите сили, а и би се потврдила тезата на Османлиското Царство дека борбите во Македонија биле поттикнати и увезени од надворешни центри. Се сметало и дека не треба да се полага надеж во надворешни сили (пред сѐ Бугарија и Русија) бидејќи немало реални очекувања дека тие ќе се вмешаат. Во едно општо востание на целиот народ, во кое народот не е доволно подготвен и не располага со доволно средства за самоодбрана, самиот народ би платил жестока цена од османлиските одмазднички акции кои би биле насочени против него и кои не би можеле да бидат одбиени. Со оглед на тоа, оваа група ја истакнувала идејата за „постојано востание“, односно засилување на дејствата на постоечките чети преку постојани партизански напади врз одделни армиски и жандармериски сили, комуникациските врски, магацините и слично, што подалеку од местата со македонско население, без негово вклучување во акциите и без официјално објавување на востание.
Другата група сметала дека востанието не е ниту идеал на борбата, ниту нејзин крај, а и дека востанието била реална потреба која ја наметнувала тогашната состојба. Тие укажувале дека армијата и жандармеријата веќе вршеле систематски претреси, испитувања и мачења, односно теророт врз населението веќе постоел и самиот народ бил едвај додржуван околу прашањето на востанието. Сметале дека многу поверојатно било вмешување на големите сили при востание, отколку засилени четнички дејства.
На крајот, востанието не успеало во своите намери.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери