Втора светска војна, Историја

Масакрот во Ваташа

Масакрот во Ваташа

По засилувањето на бугарскиот иредентизам во минатите неколку години, во Македонија особено се актуелизираше масакрот во Ваташа, во кој 12 младинци биле стрелани од бугарската армија на 16 јуни 1943 год. Како дошло до овој настан и што се случувало тој ден?

Во првата половина на 1943 год. народноослободителната борба на македонскиот народ започнала да се разгорува. Бројот на партизански одреди и борци на територијата на Вардарска Македонија се зголемил повеќекратно и тие опфаќале сè поголема територија. Во Тиквешијата во периодот мај-јуни 1943 год. дејствувале новоформираните партизански одреди: тиквешкиот одред „Добри Даскалов“ и гевгелискиот “Сава Михајлов“. Тие во тој период извршиле повеќе акции во околината на градот Кавадарци, вршејќи напади врз полициските пунктови во селата и пограничните караули. Како резултат на ова, на 7 јуни бугарските полициски и армиски сили започнале антипартизанска операција во Тиквешијата. Биле водени неколку борби, при што партизаните имале загуби и биле принудени во помали групи да преминат преку границата во реонот на с. Зборско во Воденско, на територијата на Егејска Македонија.

Антипартизанската кампања и теророт врз цивилното население

Меѓувремено, бугарските воено-полициски сили минувале низ селата во Тиквешијата во потрага по учесници и симпатизери на партизанското движење. Биле стрелани неколку родители на партизани, а биле уапсени и стрелани и две активистки: Фруса Чедомирова (41) и Рајна Соколова (38).

Кулминацијата на оваа акција се случила во Ваташа, близу Кавадарци, во кое имало развиена младинска револуционерна активност уште од 1941 год. Активисти од селото со храна ги снабдувале партизаните кои во мај-јуни делувале во околината. На 15 јуни жителите биле известени дека наредниот ден ќе се оддржи парада во Кавадарци по повод роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон III и дека нема да се оди на работа, а бил воведен полициски час во градот од 20:00 и во селата од 19:00. Околу полноќ двајца партизани влегле во селото – кратко потоа едниот од нив се вратил во одредот, а другиот останал. Таа ноќ била поставена полициска блокада околу селото.

Денот на злосторството: 16 јуни 1943 година

Утрото на 16 јуни полицијата започнала претреси по куќите. Прв бил уапсен Диме Чекоров, а врз основа на слика пронајдена кај него од првомајска прослава во с. Моклиште од таа година бил составен список на лица кои треба да бидат уапсени. Вкупно 18 лица – 13 момчиња и 5 девојки, биле донесени во кафаната на Васил Хаџи Јорданов, каде што биле испрашувани, а некои од нив и тепани. Се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за следење на програмата на Радио Москва, за врските со партизаните, а кај нив биле пронајдени и четири пушки. На родителите не им било дозволено да се приближат. Едно момче и една девојка биле пуштени, а околу пладне преостанатите 16 младинци биле одведени со кордон војници кон соседното Моклиште – момчињата оделе напред, а девојките зад нив.

Околу 13 часот колоната стигнала кај месноста Чаир, на 1.2 км од Ваташа, каде што момчињата биле застанати под сенката на големо дрво. Поручникот Борис Костов им рекол дека треба да бидат фотографирани, а полицајците започнале да се редат во полукруг. Костов сакал да ги нареди и девојките до момчињата, но на тоа се спротивставил полицискиот началник Петко Опреков. Најстариот од уапсените, Васо, насетил дека се подготвува нешто лошо и започнал да трча кон реката Луда Мара, а по него тргнале и Димо и Герасим. Тогаш војниците започнале да пукаат во сите момчиња: дванаесетмината биле изрешетани. Војниците минувале врз паднатите и ги стрелале и боделе со бајонети оние кои покажувале знаци на живот. Сето ова се случило пред четирите девојки, од кои две ја гледале смртта на своите браќа.

По ова војниците со расплаканите девојки се вратиле во Ваташа. Кога насобраните родители ја виделе таа глетка со трчање тргнале кон местото на масакрот, каде што ги нашле искасапените тела на своите деца.

Ова се имињата на ваташките младинци:

  • Васо Хаџи Јорданов (28)
  • Ферчо Поп Ѓорѓиев (26)
  • Диме Чекоров (20)
  • Блаже Ицев (20)
  • Ванчо Гурев (19)
  • Данко Давков (18)
  • Илија Димов (18)
  • Ристо Ѓондев (18)
  • Пане Мешков (18)
  • Герасим Матаков (18)
  • Пане Џунов (18)
  • Перо Видев (15)

Со нив биле Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова, кои го посведочиле крвавиот настан.

Масакрот бил извршен од 56-от велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Командант на полкот бил полковникот Љубен Апостолов, Македонец родум од Крива Паланка, а во тоа време голем дел од војниците во полковите на Петтата армија биле локални регрути. Апостолов во Ваташа пристигнал околу 9 часот на 16 јуни во придружба на скопскиот областен управител Димитар Раев и началникот на окружната полиција во Скопје Асен Богданов, но по еден час се вратиле во Кавадарци. Полициските сили биле предводени од капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков, а со нив имало и полициски агенти од Скопје. Откако по апсењето на Диме Чекоров бил составен списокот на осомничени, тој му бил пратен на полковникот Апостолов и тој дал наредба за нивно стрелање.

По војната сите кои биле одговорни за масакрот – Апостолов, Раев, Богданов, Жеглов, Костов и Опреков – биле уапсени од новите власти на ОФ Бугарија и предадени на македонската власт. Судските процеси биле одржани во Скопје. Апостолов, на кој му се судело за повеќе дела, за масакрот во Ваташа тврдел дека ја дал наредбата за стрелање бидејќи му било кажано дека осомничените биле заробени како партизани во шума, а не дека биле уапсени во нивните куќи: според воените конвенции за партизански сили без униформирани обележја не важат правилата за воени заробеници, туку тие се сметаат за воени злосторници и можат да бидат погубени. Без оглед на тоа дали полковникот ја кажувал вистината или не, злосторот врз младинците веќе бил сторен. Сите шестмина организатори и спроведувачи на масакрот кај Ваташа биле осудени на смрт и погубени.

Масакрот не го поколебал населението – во идниот период бројот на партизани продолжувал да расте, а во одредите се приклучиле и други жители на Ваташа, несомнено инспирирани од жртвата на нивните врсници. Нивнaта жртва не е заборавена и денес.

Слава им на младите маченици, на ваташките херои!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD