ВМРО, Историја

Името на ВМРО

Историја на имињата на ВМРО

Кои биле имињата на македонската револуционерна организација низ разните етапи од нејзиното постоење и зошто баш името ВМРО се задржало во колективната свест?

  • МРО (1893-96): За првото име на организацијата постојат дебати: според некои е МРО, според други е БМОРК – последната теза се заснова на документ пронајден во 1961 год., чија автентичност не е докажана, а не постојат други извори кои би ја поддржале: на првиот печат на организацијата стои „Македонски револуционерен комитет“, а Х. Татарчев во своите спомени запишал дека во 1893 год. за име било одредено „Македонска револуционерна организација“, па затоа најверојатно е дека првото име било МРО.
  • ТМОРО (1896-1905): на Солунскиот конгрес во 1896 год. за име било одредено „Тајна македоно-одринска револуционерна организација“, што го одразувало вклучувањето на Одринско во борбата за автономија.
  • ВМОРО (1905-1908): На Рилскиот конгрес, во тензична и неизвесна атмосфера како прв конгрес по неуспешното Илинденско востание, било усвоено името „Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација“.
  • Периодот по расцепот (1908-1919): Во организацијата дошло до расцеп во 1908 год., кога на Ќустендилскиот конгрес Ј. Сандански бил исклучен од неа како одговор на убиствата на Б. Сарафов, И. Гарванов и М. Даев. По овој чин и Младотурската револуција од истата година организацијата се поделила на повеќе фракции: фракциите на левото крило во 1909 год. се обединиле во легалната НФП (Народна федеративна партија), а веќе наредната 1910 год. дошло до нов расцеп во неа. Во 1911 год. дошло до обновување на ВМОРО преку обединување на конзервативното крило и дел од оние фракции кои претходно ја напуштиле НФП, а бил избран нов централен комитет во кој влегле Т. Александров, Х. Чернопеев и П. Чаулев, како и резервниот член А. Протогеров. Овој комитет ги презел името и програмските документи на ВМОРО, но од него отсуствувала Серската група на Сандански. Во воениот период 1912-1918 год. ВМОРО се интегрирала на еден или друг начин во бугарските воени структури и ги организирала Македоно-одринското ополчение, Тиквешкото и Охридското востание, Валандовската акција, а во 1915 год. се претопила во 11 мак. дивизија.
  • Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација (1919): По крајот на ПСВ, Серчани и револуционерите од Западна Македонија со левичарски определби го формирале претставништвото чија цел била да ги застапува интересите на Македонија на Париската мировна конференција, а било распуштено по нејзиниот разочарувачки крај и членовите се придружиле на БКП и подоцна МФО (Македонска федеративна организација).
  • ВМРО (1919-1934): Во 1919 год. последниот ЦК избран во 1911 год. донел одлука за обновување на ВМОРО кое во 1915 год. престанало да дејствува, а официјалното возобнување било објавено во 1920 год. под името ВМРО – од некои историчари е условно наречена „Автономистичка“ за да се разликува од останатите периоди на организацијата, иако токму во нејзино време идејата за автономија е заменета со таа за независност. Базата на операции ѝ била Пиринска Македонија и водела жестока борба против српската окупаторска власт и левото крило во револуционерното движење. Во 1928 год. организацијата се поделила на две крила: михајловисти и протогеровисти, со тоа што посилното михајловистичко крило го имало приматот и формалното водство. Во 1934 год. била забранета по воениот преврат во Бугарија и со тоа ја загубила својата моќ и позиција како главен фактор во македонското револуционерно движење. Како последно име на организацијата, ВМРО опстоило како уницифиран назив за организацијата и во денешно време.
  • ВМРО Обединета (1925-1936): Врз основа на Мајскиот манифест од 1924 год. за обединување на ВМРО и МФО (од манифестот кратко подоцна се повлекле членовите на ЦК на ВМРО Александров и Протогеров), во 1925 год. била формирана ВМРО Обединета, но во неа членувало само левото крило. Таа постоела паралелно со посилната и помасовна ВМРО на Михајлов, а одредената цел била обединета Македонија во рамките на Балканска федерација. Постепено се стекнала со целосно комунистички карактер и била под влијание на Коминтерната и БКП, а во 1929 год. од неа се одвоила една група која не го прифатила таквиот правец. Во 1936 год. ВМРО Об. била распуштена по судски процес во Бугарија на кој било затворено голем дел од водството, а членството се припоило кон БКП, КПЈ и КПГ.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD