1945-1991, Втора светска војна, Историја

Судбината на македонското прашање во Втората светска војна

Обединување на Македонија 1944

Македонија во 1941 г. била распарчена по четврти пат во три децении, но идејата за нејзино обединување продолжила да биде застапувана од два спротивставени табори. Подолу ќе ги разгледаме нивните ставови и ќе дадеме одговор за тоа дали обединување било можно.

Двата концепта за независност: Михајловистите и партизанското движење

Паролата за независна Македонија во нејзината територијална целост во периодот помеѓу двете светски војни била истакнувана од ВМРО. Иако организацијата била укината во 1934 г., нејзините структури и членови сѐ уште биле живи. Германија била најзаинтересирана за идејата за независна Македонија, како „план Б“ доколку Бугарија откаже послушност. За таа цел стапила во контакт со структурите на ВМРО и водачот Михајлов, а во септември 1944 г. била прогласена независна Македонија на територијата претходно окупирана од Бугарија во Вардарска Македонија – германската армија веќе била во повлекување, па не можело ниту да се говори за приклучување на Егејска Македонија во овој проект. Самиот проект бил нереален бидејќи зависел од воениот успех на Германија, која тогаш веќе била во повлекување на сите фронтови.

Другата страна во приказната било македонското комунистичко движење, кое тогаш било посилен фактор на територијата на Македонија. Во текот на ВСВ тоа искажувало став за ослободување и обединување на сите Македонци во една македонска држава, како дел од една нова, федерална Југославија – односно долго посакуваната Балканска федерација која била заговарана од левицата во македонското ослободително движење во изминатите децении. Во Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првиот документ каде што јасно се изразуваат целите на македонската НОБ, била истакната желбата за обединување на сите Македонци, а истото било сторено и во Манифестот на АСНОМ. Сепак, по ослободувањето на Вардарска Македонија југословенското и македонското раководство одлучиле македонските единици да ги пратат на Сремскиот фронт, во ослободување на остатокот од Југославија, наместо во ослободување на остатокот од Македонија. До ден денешен се водат полемики за правилноста на оваа одлука, меѓутоа секоја приказна има две страни.

Геополитичкиот ѕид: „Договорот за процентите“ и влијанието на големите сили

Вистина е дека со праќањето на македонската војска на Сремскиот фронт во 1945 г. било дадено предимство на општојугословенската пред општомакедонската борба, иако идејата за обединување не била умртвена (истовремено, оние кои сакале независност биле гонети). Но овој развој на настаните мора да се дообјасни со пошироката слика од тоа време. Во октомври 1944 г. Сталин и Черчил во Москва го постигнале т.н. „Договор за процентите“ во врска со контролата и влијанието во земјите од Источна Европа. Според тајниот и неформален договор, Британија и СССР би го поделиле влијанието во Југославија по 50%, додека Грција во нејзината територијална целост би била 90% под британско влијание. Проширувањето на Македонија, а со тоа и на Југославија, за сметка на Грција, директно би го нарушило повоениот поредок договорен од Големите сили. Грција била ослободена пред да завршат воените операции во Македонија и таму веќе се наоѓале британски воени сили. Влегување на македонски воени единици во Грција би можело да испровоцира поголем конфликт во кој цела Југославија би била вовлечена во војна со Грција, Британија и западните сојузници.

Студената војна на повидок и крахот на идеалот за Пиринска Македонија

Со наближувањето на крајот на војната се заострувала состојбата помеѓу Сојузниците – Студената војна била на повидок. СССР не сакал да ризикува почеток на нова светска војна поради невнимателноста на Југославија, која во спорот околу Трст дошла опасно блиску до отворен воен конфликт со САД и Британија. Преголемата слобода која Југославија ја земала во надворешната политика (вклучително и помошта за партизаните во Грчката граѓанска војна) била една од причините кои довеле до расколот помеѓу СССР и Југославија. Со расколот пропаднала и идејата (која имала реални шанси за исполнување) за присоединување на Пиринска Македонија со НР Македонија.

Во подоцнежни изјави преживеаните од тогашното македонско раководство го оправдувале стишувањето на идејата за обединување на Македонија преку истакнување дека околностите не биле поволни и дека со тргнување кон Солун би дошло до голем судир со непредвидливи последици, со што би било загрозено постоењето на штотуку создадената македонска држава.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD