Патриотски приказни
Зошто победија партизаните?
Ако Германците и бугарската војска биле свечено пречекувани во македонските градови во 1941 год., а комунистите биле маргинален елемент, како тогаш во истите тие градови само три години подоцна победнички и свечено влегле партизаните, организирани токму од тоа комунистичко движење?
Постојат два главни фактори.
Првиот фактор е борбениот дух на комунистите, исполнет со идеализам кој бил пренесуван во непосреден контакт со народните маси. Откако повторно останале без автономијата која со децении била заговарана од македонските револуционери, народните маси одговорот го нашле во комунистичкото движење кое ветувало народна република, национална слобода и крај на династичките борби за Македонија од кои најмногу трпел македонскиот народ, како и социјална правда, нешто кое било особено примамливо во тоа воено, економски тешко време. Ако во 1941-42 год. постоеле само неколку мали партизански одреди, кои постојано биле гонети и разбивани, во 1943 год. веќе била формирана Народноослободителната војска на Македонија која воспоставила слободни територии.
Идеализмот и ветувањето за социјална правда како мотор на отпорот
Кон ваквиот развој придонеле и некои околности кои не зависеле од партизаните: бугарската власт, која за волја на вистината била првобитно позитивно примена од мнозинството од населението, се покажала крајно некомпетентна и поттикнувала отпор, нешто што било посочувано и од структурите на ВМРО. Тоа се должело на лошата економска состојба и големите давачки (кои не секогаш зависеле од Бугарија, туку од општата воена состојба на континетот), но и на агресивниот однос на полициските сили кон обичниот народ, кон кој се однесувале како со освоен, потчинет народ, а не „ослободен“ како што се прокламирало. Жестоките активности за сузбивање на партизанскиот отпор имале спротивен ефект од очекуваното, потхранувајќи го движењето и снабдувајќи го со нови поддржувачи. Во Западна Македонија, надвор од бугарската зона, партизаните биле единствениот фактор кој пружал заштита на македонското население, кое претрпувало сѐ поголем терор од албанските разбојници, па било природно тамошното население да се приклучи на партизанското движење.
Некомпетентноста на администрацијата и теророт во Западните делови
Вториот фактор е слабата волја за борба од страна на антикомунистичкиот елемент. Иако во 1941 год. (условно кажано) десничарските сили за краток период се организирале во сите градови на Вар. Македонија, по воспоставувањето на бугарската власт се препуштиле на „нормален“, граѓански живот. Додека комунистите организирале одреди и крстареле по планините и шумите – како некогаш четите на ВМРО, оние кои биле нивни идеолошки противници не презеле конкретни мерки во насока на нивно разбивање. Навистина, биле формирани контрачети, но тие биле малубројни и не уживале голема поддршка кај обичниот народ, каква што подоцна имале партизаните. Може да се направи споредба со ситуацијата во Егејска Македонија, каде што десничарските сили имале многу поголем успех со четите на Охрана, бидејќи таму постоела реална потреба за одбрана на населението од грчките националисти, додека во Вар. Македонија истите елементи чувствувале дека работата е завршена со воспоставувањето на бугарската власт и „си легнале на брашното“.
Пасивноста на десницата и крајниот историски биланс
Оваа приказна на крајот се сведува на едноставен заклучок: партизаните имале волја за борба и победиле, додека другата страна немала волја и загубила. За таквиот исход не се криви Србите, Белград или Коминтерната, туку главни виновници се комунистите и антикомунистите: активноста на едните и пасивноста на другите. Затоа, пропагандата против партизаните (особено од страна на бугароманите) често се одразува полошо за спротивната страна: ако тие малубројни „Титови шумкари“ успеале да победат, тогаш што говори тоа за нивните противници? Ако народот до 1944 год. имал непоколеблива бугарска свест, тогаш зошто не се организирал против комунистите? Или бугарштината била апатична и не ја заслужила победата, или едноставно ја немала поддршката на народот и поради тоа не успеала да победи. Во секој случај, исходот бил еден.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери