ВМРО, Втора светска војна, Историја

ВМРО во Втората светска војна

ВМРО во Втора светска војна

На почетокот треба да се истакне дека кога се зборува за ВМРО во ВСВ се мисли на поранешните структури на ВМРО (забранета од 1934 год.) кои се активирале во тој период – пред сѐ на михајловистите, бидејќи протогеровистите воглавно се придружиле на комунистичкото движење.

Во меѓувоениот период за ВМРО најголема опасност претставувале српскиот хегемонизам (кој спроведувал терор во Вар. Македонија) и комунистичкото движење (кое уште од времето на Александров се обидувало да го преземе македонското револуционерно движење). Во истиот тој период, ВМРО развила соработка со центри како Рим, Загреб, Будимпешта, со која имала заеднички интерес за прекројување на границите на Европа воспоставени од победниците во ПСВ. Ова треба да се има во предвид, бидејќи и во текот на ВСВ овие искуства одредувале какви ставови ќе заземат структурите на ВМРО.

Почетокот на ВСВ и особено пристигнувањето на бурите на војната на Балканот дале знак за повторно активирање на револуционерите, со надеж дека новонастанатата состојба може да биде искористена за конечно ослободување на Македонија. По почетокот на инвазијата врз Југославија на 6 април 1941 год. дејци од сите крила на ВМРО, по самостојна иницијатива, воспоставиле контакт и започнале подготовки за формирање на комитет кој во соработка со германските сили би ја преземал цивилната власт во окупираните територии во Вар. и Егеј. Македонија, а притоа се истакнале две опции: прогласување на независна Македонија како германски протекторат, или во случај на поставување прашање кон која држава да се приклучи народот да се агитира за обединување со Бугарија. Приврзаниците на Михајлов, кој тогаш бил во прогонство, првенствено се изјасниле за независна Македонија, но преовладал ставот за поддршка на Бугарија. Биле формирани локални акциони комитети (на чело со централен комитет) кои ја презеле цивилната власт од поразените југословенски власти. На 19 април 1941 год. во Вар. Македонија влегла бугарската армија, свечено пречекана од локалното население, по што власта била преземена од бугарската држава.

Од акциони комитети до разочарување од бугарската власт

Се покажало дека Софија немала доверба во структурите на ВМРО, кои ги гледала како проблематичен фактор кој би ја оспорил нејзината власт во Македонија. Наскоро се појавило општо незадоволство помеѓу народот од причини кои биле истакнати и од дејците на ВМРО Чкатров и Ѓузелов, меѓу другото: ѕверскиот однос на полицијата кон населението, корумпираноста на чиновниците, отсуство на локалното население во државниот апарат, отсуство на претставници во народното собрание и глас при носењето политички одлуки, лошата економска политика итн. ВМРО предупредувало дека ваквиот неправилен однос од Бугарија ќе доведе до зајакнување на комунистичкиот елемент, што се покажало точно. И покрај незадоволството од власта и автономистичките тежненија, комунистите биле оценети како најголема закана, па од структурите на ВМРО биле формирани контрачети за борба со комунистичките одреди, кои биле поистоветени со српскиот елемент (факт е дека во 1941-42 партизанското движење во Југославија имало мнозинство етнички Срби).

Улогата на Ванчо Михајлов и проектот „Охрана“

Интересна е и улогата на водачот Ванчо Михајлов кој најголемиот дел од војната го поминал во Загреб, одбивајќи да се врати во Бугарија. Тој бил во контакт со германските служби и приврзаниците во Македонија и треба да се истакне дека, наспроти популарното мислење, во ниту еден момент не се откажал од идејата за независна Македонија. Пружил поддршка во формирањето на чети на Охрана во Егејска Македонија, за одбрана на населението од грчки националистички одреди и борба со комунистичките одреди, а поширокиот план на Михајлов за Охрана и контрачетите бил тие да го формираат јадрото на воените сили на независна Македонија.

По добивање германска поддршка, во септември 1944 год. Михајлов пристигнал Скопје за да организира создавање на македонска држава, но оценил дека не постојат реални услови за тоа. И покрај тоа, структурите на ВМРО на 8 септември 1944 год. прогласиле Независна Држава Македонија, која условно постоела до повлекувањето на германските сили од Македонија.

По војната, голем дел од дејците на ВМРО биле судени од комунистичката власт – повеќето на смрт, а некои убиени без судење. Врз организацијата била фрлена анатема која и денес одвај се отстранува.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD