Историја, Меѓувоен период

Македонското прашање и комунизмот

Македонското прашање и комунизмот

Комунистичкото движење одиграло огромна улога во македонското прашање, активно вклучувајќи се во обидите за негово разрешување од едни или други причини. Тука во кратки црти ќе ги изложиме гледиштата на комунистичките партии на Балканот, под влијание на Коминтерната, во однос на Македонија.

Левичарските идеи во поголем размер навлегле во Македонија преку БКП (пред 1919 год. со името БРСДП), односно преку влијанието на македонската интелигенција со леви определби во мигрантските кругови во Бугарија (основачот на партијата, Димитар Благоев, бил Македонец од Загоричане). Левите идеи биле прифатени и од истакнати дејци на ВМРО (Н. Карев, Д. Х. Димов, Г. Делчев, Ј. Сандански и др.), а целите на македонските социјалисти биле исти со оние на ВМРО: автономија и „Македонија на Македонците“. Левото крило, пред, а особено по ПСВ, имало цврст став против обединување со Бугарија и ја застапувало идејата за Балканска федерација. Од неговите редови, особено во 1920/30-тите години, се издигнал македонскиот национализам.

Коминтерната (1919-43) била организација преку која СССР ги координирал активностите на комунистичките партии. Оваа организација пројавила интерес за македонското прашање, кое претставувало јаболко на раздорот помеѓу балканските монархии. Коминтерната поддржувала создавање на македонска држава, а во склоп на паролата за правото на нациите на самоопределување, со познатата резолуција на Коминтерната од 11 јануари 1934 год. за прв пат меѓународна организација го признала постоењето на посебна македонска нација. Оваа насока порано или покасно била усвоена од партиите.

Резолуцијата од 1934: Меѓународно признавање на македонската нација

БКП генерално ја поддржувала борбата на македонскиот народ за сопствена државност и право на самоопределување – првенствено само во политичка смисла, а подоцна и во национална. Од редовите на БКП, во која имало и многу Македонци, можеме да ги издвоиме Д. Благоев, В. Главинов, Ѓ. Димитров (сите со македонско потекло), В. Коларов и многу други, како личности кои покажале голем интерес и разбирање за македонската борба. Голем придонес имала и ВМРО Обединета, која практично претставувала македонска секција на БКП и во 1930-тите добила изразито македонски национален карактер.

Ставовите на КПЈ и КПГ: Помеѓу автономија и државни граници

Во рамките на КПЈ во меѓувоениот период се воделе дебати околу иднината на Југославија и народите во неа, кои директно го засегнувале македонскиот народ и неговата иднина. Првенствено, партијата немала јасен став за националното прашање во Македонија. Партијата го осудила големосрпскиот хегемонизам и во 1924 год. на Третата земска конференција на КПЈ се зборувало за автономна и единствена македонска република со разнородно население, без да се истакне македонска национална самобитност. На Дрезденскиот конгрес од 1928 год. се прифатило гледиштето дека Југославија треба да се распарчи и да се формираат независни држави, меѓу кои и Македонија. Сепак, на Четвртата земска конференција во 1934 се истапило против претходната одлука за распарчување на Југославија и се истакнало решавање на националното прашање во склоп на нејзините граници. Во таа насока била донесена одлука за формирање на национални партиски организации на Хрватска и Словенија, „а во најблиска иднина и на Македонија“. Резолуцијата на Коминтерната за македонското прашање од 1934 год. ја одредила и политиката на КПЈ кон македонското прашање, но до дефинитивно јавно истакнување на македонската национална самобитност од страна на партијата дошло кратко по почетокот на ВСВ.

Политиката на КПГ кон македонското прашање била променлива. Во 1924 год. на Третиот вонреден конгрес во Атина, КПГ ги прифатила одлуките на Петтиот конгрес на Коминтерната за правото на самоопределување на угнетените балкански народи, меѓу кои и позицијата за формирање на македонска република (која би го опфатила целиот регион Македонија) во склоп на Балканска федерација. Овој официјален став наишол на негодување во одредени кругови на партијата, а истовремено привлекол многу Македонци кон неа. Иако партијата јавно говорела за македонска нација, на Шестиот конгрес на КПГ во 1935 год. ставот за автономна македонска држава бил корегиран, со тоа што било објавено дека КПГ ќе се бори за правото на национална самоопределба на сите малцинства во рамките на заедничка грчка народна република. Политиката на КПГ за македонска држава била променлива и во текот на ВСВ и граѓанската војна.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD