ВМРО, Историја, Османлиски период, Прва светска војна

Првите чествувања на Илинден

Илинден 1918 прослава

За време на власта на османлискиот султан, во Македонија немало услови за јавни одбележувања и чествувања во спомен на паднатите македонски борци и херојската борба на ВМРО. Се покажало дека за време на власта на српскиот крал условите станале уште потешки.

Промената на режимите: Од османлиска цензура до воен занес

За разлика од состојбата во ВСВ кога во Македонија избувнала Народноослободителната војна, околностите во ПСВ биле поразлични. Доаѓањето на бугарската армија, во која веќе биле инкорпорирани воените структури на ВМРО, било дочекано како олеснување за македонскиот народ кој претходно пател под османлиска и неочекувано уште пожестоката српска окупација. Тогаш за прв пат на територијата на Македонија било дозволено да се чествуваат настани и личности од револуционерната борба.

Скопје во свечен марш: Прославата од 1917 година

Првиот „слободен“ Илинден во 1916 г. бил одбележан со помали локални настани – таа година се случувале некои од најголемите битки на Македонскиот фронт. Веќе наредната (1917) година Илинден бил прославен посвечено. Па така, револуционерот Баждаров преку една статија ја пренел атмосферата од чествувањето во Скопје: уште вечерта пред Илинден градот и неговите јавни објекти и куќи биле накитени со знамиња и ликови на паднатите револуционери, кои го привлекле вниманието на странските војници во градот. Централниот настан бил кај црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, чиј двор бил исполнет со мноштво граѓани, воени и државни претставници и ветерани на ВМРО – присуствувал и Тодор Александров. По литургијата народот се упатил пред банката, каде се одржала панихида за паднатите борци, а следувала свечена поворка преку Камениот мост, по кејот и завршила назад во дворот на црквата, каде што продолжила прославата. Во текот на денот се одржале и други културни настани во градот.

Големиот јубилеј во 1918: Парадите на Централните сили и комитските униформи

Во 1918 г., за јубилејната 15 годишнина од Илинденското востание било организирано чествување низ целата држава, а за таа цел била организирана Комисија за чествување со ректорот на Софискиот универзитет Георги Шишков како претседател, Тодор Александров како секретар, а трет член бил градоначалникот на Крушево Наум Томалевски. Централните прослави се одржале во Скопје, кој бил главен центар и во Софија, Крушево и Драма. Покрај тоа, празникот бил одбележан и во другите градови, каде што присуствувале граѓаните, селаните од околината, поранешните четници и милиционери облечени во четничка облека, а во главните центри и високи државни, воени и граѓански претставници. Претпладнето биле извршени панихиди во градовите и во селата. Таму каде што имало гарнизони се одржувале и воени паради, на кои учествувале и војските од земјите на Централните сили. На фронтовите се одржувале молебени и се говорело за значењето на празникот. Се положувале венци на гробовите на револуционерите и на споменици ширум земјата. Во Скопје во 5 часот попладне било одржано свечено собрание каде што говореле разни истакнати личности – професори, научници, воени лица, поети и други. Говорите биле печатени на повеќе јазици и продавани во полза на сираците од војната.

Крушевскиот завет на Наум Томалевски

За одбележување на јубилејот во Крушево задолжен бил Наум Томалевски (во чија куќа била прогласена Крушевската република), деец на ВМРО и градоначалник на Крушево. Тој во прогласот до месното население истакнал: „ Градот да добие свечен лик, да се истакнат црвени знамиња, јамболиите по балконите на куќите, крушевските дуќани тој ден да бидат зартворени бидејќи ќе се празнува голем и значаен празник од историјата“. Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ била одржана централната панихида, а панихиди имало и во другите градски цркви, на кои присуствувале ветераните и фамилиите на загинатите борци. Биле посетени и некои позначајни места, меѓу кои и Мечкин камен, каде што бил подигнат споменик на паднатите (подоцна срушен од српската власт). Следната официјална прослава во Крушево, и прослава достојна на празникот општо во Македонија, се случила дури за 65 годишнината – во 1968 година.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD