Патриотски приказни
Тивко е на ножот
Пред 115 години во Прилепско, на планина Бабуна, се водела најголемата и најкрвава битка на ВМРО во периодот по Илинденското востание. Таму над 200 комити, поддржани од месна селска милиција, се бореле со повеќе од илјада османлиски војници, покажувајќи невидена самопожртвуваност која и после повеќе од еден век сѐ уште восхитува.
Бабуна како бедем против туѓите пропаганди
По Илиденското востание била засилена српската и грчката вооружена пропаганда во Македонија. Од тие причини, на Рилскиот конгрес на ВМОРО во 1905 г. било одлучено да се започнат пожестоки дејства против споменатите пропаганди. Во таа насока била и активноста на четите на ВМОРО во 1907 година по должина на планината Бабуна, каде што во текот на мај и јуни се концентрирале четите на војводите Тане Николов, Михаил Чеков, Христо Цветков, Петар Ацев, Иван Наумов – Алабакот и Мирче Најденов. Нивната задача била да ги исчитат селата во Бабуна од србомански шпиони и да ја елиминираат српската пропаганда во тој крај.
Предавство и судбоносна одлука: Да се остане или да се бега?
Србоманите од своја страна ја информирале османлиската власт за ова раздвижување на четите и по 10 јули турската војска веќе била присутна во целиот крај. Здружените чети донеле одлука да се поделат на неколку помали чети на различни позиции, а на 13 јули војводите се собрале на совет – одлучиле да не ја испочитуваат одлуката на прилепскиот градски окружен комитет за повлекување и се подготвиле за отпор.
14 јули 1907: Пламениот оган на Ножот
На 14 јули османлиската војска го започнува нападот, главно насочувајќи се кон врвот Ножот. Комитите, нападнати од сите страни, даваат жесток отпор. Многумина од нив се самоубиваат со револвери, а други со бомби, за да не бидат заробени. Со паѓањето на ноќта дел од четите успеале да се повлечат. Во борбата загинале дури 67 борци: 45 на Ножот, 10 на подножјето на врвот Јасенова глава, 6 при повлекување од врвот и уште 6 други во околината.
Зошто избраа смрт наместо повлекување?
Некој може да се запраша – што ли ги натерало овие борци да останат на своите позиции покрај наредбата за повлекување и да водат борба за која не постои реална шанса да ја добијат, соочувајќи се со скоро извесна смрт? Револуционерот и историчар Христо Силјанов запишал: „Ниту една друга битка не предизвика толку многу препирки и обвиненија… Сите тие критики се целосно или делумно точни. Што се однесува до „Ножовците“, основната вина за нивната смрт лежи во робијата – мајка на револуцијата, која пак од своја страна, може да задои такви горди души, со копнеж за подвиг и саможртва. 45-те изгореа во пламениот оган на сопствената љубов кон поробената македонска родина.“
На Ножот е тивко, но гласот за смелоста и пркосот на хероите ќе одекнува низ македонската земја за навек. Вечна им слава на паднатите!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери