Патриотски приказни
Кочо Рацин: Чуварот на македонската душа
„Пусто остана полето,
пусто зазори зората –
чемрее в поле врбата,
чемрее – тажи непознат.“ (Татунчо)
Тажи и мајка Македонија по својот син, скоро осум децении. Таква била судбата нејзина, да ги загуби највредните пред да имаат можност да го искористат својот потенцијал во нејзино име. И покрај тоа што немал доволно време, Кочо Рацин со тоа што го оставил зад себе се истакнал како еден од најзначајните македонски поети, а пишувал и проза од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика, давајќи придонес во етаблирањето на македонскиот јазик и македонската народност.
Борбата за името и историската ризница
Неговите расправии за македонската самобитност и денес се значајни против негаторските политики. Еден пример е говорот на Рацин во дебата со српските професори Вулиќ и Радоњиќ, по повод предавањето на првиот со наслов „Јужна Србија или Македонија“ во декември 1939 г. во Белград. Рацин истакнал: „За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија, ниту Бугарија, под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња…Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие!… Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име, како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите…
Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот. Што се однесува до економската положба, таа постои како самостојна област. Го имаме Солун како центар на таа земја. Но Вие заостанавте исклучиво на историска почва, барајќи ја фамозната историска тапија…“
Македонија како самостојна област и економски центар
Во друга прилика, Рацин истакнал: „Ете и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат за да ни ја земат душата за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. Континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост.“
Континуитет на отпорот: Народ без вчера, нема ни утре
Покрај неговата голема интелектуална дарба, тој го исполнил она што големиот мислител Кикерон го истакнал за доблесните луѓе пред повеќе од 2000 години: „Зарем има некој што е толку желен да ја проѕре и да ја спознае природата, што додека ги истражува и се обидува да ги согледа нештата најдостојни за спознание, пред него одеднадеж се појави некаква опасност гибелна за државата, а тој има моќ да ја отстрани и да помогне, зарем нема да остави и да отфрли сѐ, па дури и ако мисли дека токму во тој миг може да ги изброи ѕвездите и да ја измери големината на светот?“. Па така поетот, мислителот, филозофот, ја оставил својата наука за да одговори на повикот на татковината, поставувајќи го дејствувањето пред спознанието. Откако прво поминал три месеци во српски логор, а потоа и осум месеци во бугарски, во мај 1943 г. Рацин се приклучил на партизански одред, каде што во несреќен случај (или исцениран поради судирот на Рацин со комунистичката партија уште од минатите години) го загубил својот живот месец подоцна, на 13 јуни.
Дејствување пред спознание: Жртвата за татковината
„И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
и борба искри кај што л’штат
блазе, речи на душата –
има зошто душа да е!“ (Балада за непознатиот)
Ние помниме: вечна му слава!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери