Патриотски приказни
Битката кај Баница 1903
На 4 мај 1903 г., македонското ослободително дело претрпело огромна загуба, а македонскиот народ го загубил еден од своите највредни синови: кај Баница во Серско, во борба против османлискиот окупатор паднал великанот Гоце Делчев.
Последната обиколка пред Илинденското востание
Во исчекување на Илинденското востание, Гоце Делчев заминал на „последна обиколка“ во Серскиот револуционерен округ за агитација на новата концепција за борба (партизанско-терористичка). Конгресот на Серскиот револуционерен округ бил закажан по Ѓурѓовден на планината Али Ботуш (Славјанка) на границата помеѓу Пиринска и Егејска Македонија. На пат кон конгресот, Гоце поминал во Баница, а таму на 3 мај го пречекале Димитар Гуштанов и Георги Бродалијата, каде што требало да преноќи.
Битката во Баница: Првиот куршум за Гоце
Меѓутоа, утрото на 4 мај тие биле изненадени од турски аскер кој го блокирал селото. Четниците направиле план за одбрана, но кога забележале дека војската ги претресувала куќите Гоце заповедал да се извлечат од селото. Тие излегле на улиците и се провлекле до крајот на селото, каде што се наоѓала последната куќа, но кога веќе искочиле на полјанката ги стигнал аскерот. Во битката која следела, Гоце бил првиот погоден од непријателските куршуми. „Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата“, рекол Димо Х. Димов, а поетот Пејо Јаворов додал „зашто осиротуваше цел народ“.
Помени за соборците: Тие што паднаа со великанот
Поради големината на историските фигури како Гоце, често ја занемаруваме жртвата на оние помалку познати херои кои одговориле на повикот на мајка Македонија во времиња кога таа имала очајна потреба од нив. На овој ден, кога заслужено си спомнуваме за Гоце, да си спомнеме и за оние кои тој 4 мај паднаа во борба заедно со Гоце: Димитар Гуштанов, Евстатиј Арнаутчето, Стефан Страхинов – Трлишанчето и Кољо Консулата. Ѓорѓи Савеклијата бил ранет и заробен. Другите се извлекле од селото, кое подоцна било запалено од Турците.
„Тој, кој ќе падне во бој за слобода, тој не умира: него го тажат земја и небо, ѕвер и природа и пејачи песни за пеат за него.“ ( Христо Ботев)
Вечна им слава!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери