Антика, Историја

Филип II Македонски: Подемот на македонската држава

Филип II Македонски

Не постои човек кој не слушнал за славата на Филип II и неговиот син Александар Велики, а најчесто се говори за крајниот исход на нивните владеења: освојувањето на Грција од страна на таткото и освојувањето на познатиот свет на истокот од страна на синот. Меѓутоа, ретко се слуша за почетокот на нивната славна приказна, која започнува со поставувањето на темелите на македонската политичка доминација од страна на Филип, кој стапил на кралскиот престол во исклучително драматичен период од историјата на древната македонска држава.

Во 360 г. п.н.е. македонската војска предводена од кралот и постар брат на Филип, Пердика III, била поразена од Илирите. 4.000 македонски војници биле убиени во битката, а меѓу нив и кралот Пердика. Поразот бил толку тежок што Македонците биле безнадежни и изгубиле волја за понатамошна војна со Илирите. Состојбата била драматична: Илирите се подготвувале за упад во внатрешноста на Македонија од исток; Пајонците вршеле напади од север; Тракијците од запад се подготвувале за инвазија со цел наметнување на претендентот Павзаниј на македонскиот престол; со иста намера биле и Атињаните од југ, кои сакале да го наметнат претендентот Аргај. Македонската држава се соочувала со закани од сите можни страни: за повеќето се чинело дека наближува крајот на династијата на Аргеадите.

Пропаста на Пердика и државата на колена

Во такви околности Филип стапил на македонскиот престол во 359 г. п.н.е. Како што често бидува во историјата, тешките времиња создаваат силни мажи, а токму таков бил случајот со Филип II. Тој веднаш се зафатил со решавање на состојбата, првенствено преку дипломатија. Прво, отстапил дел од својата земјата на Илирите во замена за примирје. Потоа со поткуп ги одвратил Пајонците од нивните напади и Тракијците од нивниот поход, кои пак го убиле претендентот Павзаниј – најверојатно по барање на Филип. Тогаш можел да се фокусира на опасноста од претендентот Аргај, кој повел 3.000 војници кон престолнината Ајга, но не бил прифатен од Македонците. При повлекувањето тие биле нападнати од Филип – во престојната битка Аргај бил убиен, како и повеќето Атињани. За само една година Филип го стабилизирал кралството и бил подготвен да премине во офанзива.

Дипломатија на мечот: Првите потези на Филип

Со овие успеси, Филип го кренал моралот на Македонците. Наредната 358 г. п.н.е. тој разбрал за смртта на кралот на Пајонците и го искористил политичкиот неред во Пајонија за да ја принуди на верност кон него, откако ги поразил Пајонците на бојното поле. Најпосле дошло времето за одмазда на својот брат, кралот Пердика. Делови од Горна Македонија сѐ уште биле под илирска власт. Филип собрал армија од 10.000 војници и 600 коњаници и ја упатил кон Илирија. Илирскиот крал Бардилис, кој две години претходно ја поразил македонската војска на Пердика, побарал мир и задржување на статус кво – барање кое било одбиено од Филип. Бардилис ја собрал својата војска и двете армии се сретнале кај рамнината на југ од денешна Битола. Таму се одвивала битката позната како битката кај долината на Еригон. Двете страни долго време се обидувале да го надјачаат противникот, меѓутоа на крајот Македонците ја добиле битката. Многумина Илири биле убиени, заедно со нивниот крал. Филип го одмаздил својот брат. Како резултат на битката, Илирите побарале мир кој бил прифатен. Тие ја напуштиле македонската земја и Филип ја вратил контролата на територијата сѐ до Охридското езеро, обезбедувајќи го северозападниот појас од идни илирски обиди за напад.

На тој начин македонското кралство било спасено и стабилизирано, Македонците ја повратиле волјата за борба, а Филип ги поставил темелите за доминација на македонската држава во античкиот свет. Останатото е историја.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD