Патриотски приказни
НОБ и македонската идеја: Почит за храброста
На овој ден, 12 април, во 1945 година биле пробиени германските позиции на Сремскиот фронт од страна на НОВЈ. За тамошните борби веќе беше објавен подетален текст на овој профил и затоа денес, во чест на паднатите македонски борци, би сакал да спомнеме генерално за Народноослободителната борба.
Деидеологизација на македонскиот национален мит
НОБ во текот на претходниот систем ја заземала централната позиција во македонскиот национален мит. Како и кај секој мит, факт е дека пропорциите и одредени сегменти биле преувеличени. Во пост-комунистичкиот систем партизанската борба ја загуби централната улога во општеството. И тоа е разбирливо – НОБ била високо идеологизирана, а со промената на системот се промени и идеологијата. Тие што се поупатени во историската наука разбираат дека има многу поголема заднина зад слоганите и идеите на партизаните/комунистите, кои не секогаш биле искрени, или пак служеле за некаква повисока, затскриена цел (иако не можеме да ги обвиниме партизаните за тоа што не располагале со фактите кои ги имаме ние денес).
Борци за слобода, а не само партиски кадри
Но има и друга страна на приказната: партизаните не биле само комунисти, туку и борци за слобода на македонскиот народ. Говориме за луѓе кои живееле во едно од најтешките времиња на Европа. Тие не останале неми набљудувачи, туку го сториле тоа што сметале дека е најправилно. Погледнете ги најистакнатите македонски партизани – повеќето од нив во своите рани 20-ти години. Биле свесни за последиците на својата активност, но не го жалеле својот живот, затоа што искрено верувале во борбата и нејзините идеали. Не говорам за повоените функционери или за ОЗНА, туку за борците, тие кои крвавеле по македонските планини. Нивната идеолошка борба за мене нема значење, туку ја величам нивната борба за македонската идеја. Не мора да се согласуваме со нивната идеологија, за да се восхитуваме на нивната борбеност и саможртва. Покрај сѐ, тие биле синови и ќерки на Македонија, како и ние – само многу похрабри од нас.
Национално помирување како единствен пат напред
Без национално помирување НИКОГАШ нема да можеме да продолжиме напред. За мене македонските партизански песни и споменици не се комунистички воспев, туку симбол на македонската борба за слобода. Почит за сите кои оставиле свој печат врз неа.
Стапицата на етикетирањето и умствената мрзливост
За крајот на овој текст треба да го истакнам следното. Премногу често моите објави за историски личности и настани се дочекуваат на нож. Премногу често морам да повторувам нешто што ќе го повторам и сега: историјата не е црно-бела како старите слики кои сведочат за неа. Кога во нашето општество се говори нешто позитивно за партизаните и македонските комунисти, реакцијата е „КОМУЊАРИ, ПРЕДАВНИЦИ, СРБОМАНИ“. Кога се говори нешто позитивно за ВМРО и се спомнуваат личности кои во периодот по 1945 г. биле избришани од македонскиот револуционерен пантеон, реакцијата е „ФАШИСТИ, ПРЕДАВНИЦИ, БУГАРАШИ“. Таквата подвоеност кај македонските родољуби е показател за умствена мрзливост. Зошто да се размислува подлабоко, кога може многу едноставно да се пресуди со некакво етикетирање? Не бидете мрзеливи браќа и сестри Македонци. Нема да ви се случи ништо лошо ако си дозволите да анализирате без предрасуди и без однапред донесени заклучоци.
И запомнете – многу е лесно да се суди 100 години подоцна кога ја имаме историјата на располагање. Паметните гледаат на историските настани за да извлечат инспирација и поука која може да послужи во иднината, а плитките умови гледаат на историските настани за да се стават во улогата на судии и да паметуваат за тоа кој бил во право без тоа да има никакво значење врз денешните процеси.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери