Патриотски приказни
Како српската војска влезе во Скопје во 1912 година?
На 23 и 24 октомври 1912 година кај Куманово се случувала првата голема и најзначајна битка помеѓу српската и османлиската војска во текот на Првата балканска војна. Битката завршила со победа на српската војска, а како резултат на поразот османлиските сили се повлекле од најголемиот дел од регионот. Меѓутоа овој текст е за влегувањето на српската војска во Скопје.
Дневникот на конзулот Карлије: Сведоштво за паниката
Пред Кумановската битка поштенскиот и телеграфскиот сообраќај во Скопје бил прекинат, а градот практично останал без контакт со надворешниот свет. Францускиот вице-конзул во Скопје, Пјер-Леон Карлије решил да води дневник од 14 октомври до 1 ноември во кои внимателно ги забележал состојбата во Скопје и крахот на османлиската власт во Вардарска Македонија.
Хаосот во Скопје по поразот кај Куманово
Пред доаѓањето на српската војска започнале да се шират разни гласини во Скопје за исходот од битката кај Куманово. На 23 октомври пристигнало известување дека османлиската војска ја однеле победата, на радост на муслиманското население во градот. Меѓутоа, утрото на 24 октомври во Скопје започнале да пристигнуваат османлиски војници кои панично се повлекувале од бојното поле, со известување дека се поразени и дека победила српската војска која сега се движи кон градот. Тогаш во Скопје настанала паника и голем дел од нехристијанското население започнало да го напушта градот, стравувајќи од одмазда на српската војска, бидејќи само на 23 октомври биле масакрирани неколку Срби во Урошевац и Призрен, а во Скопје османлиски војници убиле 4 христијани за да ја запленат нивната воловска запрега. Странските конзули во градот сметале дека треба да се спречи обид на остатокот од османлиската војска да организира одбрана на градот, која сигурно би била безуспешна, а би предизвикала српско бомбардирање на градот. По кратки преговори, на 24 октомври преостанатите османлиски единици го напуштиле Скопје, притоа не оставајќи никакви инструкции на цивилната власт, со што и фактички бил означен крајот на воената власт на Османлиското Царство во Скопје. По заминувањето на војската, муслиманските првенци на градот ги назначиле четирите конзули за посредници, кои за задача имале да ја пречекаат српската војска и да и ја предадат контролата врз градот. По нивна иницијатива биле ослободени христијанските затвореници, бидејќи немало обезбедено храна за нив, а веќе немало ни чувари да ги чуваат. Конзулите и персоналот од конзулатите ја превземале грижата за јавната безбедност, формирајќи ноќни патроли и обидувајќи се колку што можат да спречат кражби и други безредија. Во градот непрестано влегувале дезориентирани групи од османлиски војници, кои при наидување на офицери наместо наредби добивале разрешувања од должности, што говори за состојбата на османлиската војска по битката кај Куманово.
Делегацијата на конзулите и влезот на српската војска
Наредниот ден, 25 октомври, српската војска се уште не пристигнала во градот. По договор со градоначалникот на Скопје Рашид-бег и бившиот градоначалник Ибрахим-ефендија, четворицата конзули утрото на 26 октомври тргнале во пресрет на српската војска да ја повикаат што побрзо да пристигне во градот, бидејќи ситуацијата била критична. Со нив, како заштита од распуштените албански војници заминале и тројца луѓе на коњи, како обезбедување, еден српски свештеник именуван од скопскиот митрополит, градоначалникот Рашид-бег, а по пат им се придружил и некој селанец со труба. На претходницата на српската војска наишле по два часа. Војниците ја однеле делегацијата пред заповедникот на Моравската дивизија генерал Илија Гојковиќ, а набргу им се придружил и командантот на Првата армија, престолонаследникот Александар. Тој, откако симболично ја примил власта над Скопје, наредил придвижување на војската кон градот. Влезот на српската војска во Скопје бил одбележан со овации на христијанското население кое извикувало „Да живее Србија“, „Да живее Бугарија“ и „Да живее Балканскиот Сојуз“. Христијанските војници кои се бореле во османлиската војска ја дочекале српската војска со аплаузи, спуштено оружје и исцртани бели крстови на своите фезови.
Оригиналниот документ со записите на францускиот конзул Карлије се наоѓа во Дипломатскиот архив на министерството за надворешни работи на Франција во Париз.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери