Идеологија, Политика

Антиквизација – втор дел

Антиквизација

Дали Македонците се антички Македонци, дали имаат право врз нивното културно наследство и дали воопшто имаат право да го користат името Македонија и Македонци е една од главните историски и политички дебати на Балканот, особено од осамостојувањето на Македонија во 1991 год.
Важна етапа беше и т.н. „антиквизација“ за време на власта на премиерот Груевски помеѓу 2006–2017 год.

Античките Македонци и современите Македонци

Македонците не се антички Македонци. Апсурдна е самата идеја дека денес може постои народ кој е „антички“ – античките народи припаѓаат во антиката, бидејќи денес скоро и да не постои народ на планетава кој задржал непроменета генетска слика во изминатите 2.000 години, а особено не во Европа, каде што во изминатите два миленинуми се случиле многу миграции на племиња и народи.
Ниту Македонците се антички Македонци, ниту Хрватите се Илири, ниту Бугарите се Тракијци.

Во првиот дел од текстот беше покажано дека идеите дека Словените се автохтон балкански народ, дека Александар Македонски зборувал словенски јазик, дека глаголицата била стара илирска азбука, се појавиле во специфични околности со специфична цел – зголемување на престижот и легитимитетот на тогашните народи и држави, без да се има фактичка основа за тврдењата.

Македонците како словенски народ со претсловенски корени

Ако античките Македонци не биле Словени, а Македонците не се антички Македонци, тогаш тезата која преостанува и која се користи особено од Грците, Албанците и нивните симпатизери е таа дека Македонците се Словени, дојденци на Балканот во 6 век.
Дали ова е вистина? Не, оваа теза е погрешна исто колку и таа дека има непрекинат континуитет од античките Македонци до денешните Македонци, само што оваа го тврди спротивното – дека не постои било каков континуитет помеѓу претсловенското и словенското население.

Апсурдно е да се верува дека во 6 век регионот Македонија бил една пустина без било какви знаци на живот, па дека Словените го „рестартирале“ животот со фабричко подесување.
Македонците се Словени во смисла на припадници на словенската јазична и културна група, но не се етнички чисти Словени – такви не постојат кај Јужните Словени.

Вистината помеѓу двете крајности

Секој разумен човек може да заклучи дека вистината е некаде во средината.
Ние Македонците не можеме да бидеме исто што и античките Македонци, кои говореле различен јазик, имале различни обичаи и верски обреди, но имаме право да ги славиме нашите предци, без разлика дали го говореле јазикот кој го говориме денес или верувале во нашиот Бог.

Како што Французите имаат врска со Галите (иако не се Гали), како што Бугарите имаат врска со Тракијците (иако не се Тракијци), како што Италијанците имаат врска со Римјаните (иако не се Римјани), така и Македонците имаат врска со античките Македонци.

Преродбениците и античкото наследство

Треба да се спомене дека и нашите преродбеници барале легитимитет преку врските од минатото: сведоштво за тоа можеме да најдеме во статија на бугарскиот поет Петко Славејков од 1871 год., во која тој вели дека одредени словенски интелектуалци од Македонија тврделе дека не се Бугари, туку Македонци со потекло од античките Македонци. Јордан Хаџи Константинов – Џинот (о. 1821–1882) покажувал симпатии за пансловенството и сметал дека овдешното население е автохтоно и потекнува од Илирите и Тракијците, кои биле Словени. Ѓорѓија Пулевски (1817–1893) ги нарекувал царевите Филип и Александар „Славјани“, a Григор Прличев (1830–1893) во еден говор за Св. Кирил и Методиј ги истакнал Македонците како потомци на царот Александар.

Континуитет и синтеза на населението

Надвор од нашата земја често се заборава дека на почетокот на минатиот век Македонците биле мнозинско население во регионот Македонија и дека тоа што јадрото на античкото македонско кралство денес се наоѓа во рамките на Грција не значи дека така било отсекогаш. Словените кои дошле во овој регион затекнале население, а ние, Македонците, сме производ на синтезата на претсловенското и словенското население. Целта на „антиквизацијата“ не беше да се замени словенскиот со античкиот карактер, туку да се прифати и претсловенското минато, претходно запоставувано, како дел од нашата историја.

Заклучок: антиквизација, словенско и претсловенско наследство

Денес знаеме дека античките Македонци не биле Словени, но факт е дека нивното историско наследство имало удел во развојот на националната свест кај Македонците, а крвното потекло не се бира – ние сме производот на она пред нас, словенско и претсловенско.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD