Патриотски приказни
Антиквизација – прв дел
Тоа што кај нас во Македонија е познато како „антиквизација“ не е новитет, а е нешто што било применувано и претходно на нашите простори.
Можеби е специфично тоа што тој процес кај нас се случува/ше во 21 век, но гледиштата на неговите поборници воглавно се засноваат на теории кои се појавиле на Балканот околу 15-16 век, а кои гласеле дека има директен, непрекинат континуитет помеѓу Јужните Словени кои живееле тогаш и населението од античкиот период, односно дека не постои разлика помеѓу Словените и оние народи кои некогаш биле познати како Илири, Тракијци, антички Македонци – дека сите тие се едно исто и дека сите го говореле словенскиот јазик од памтивек до тогаш (и денес).
Винко Прибојевиќ и тезата за античко словенство
За оној кој се срами од тоа што е и чувствува потреба постојано да го украсува својот идентитет, тезата дека нема разлика помеѓу античките Македонци и денешното словенојазично население од Македонија е многу примамлива, па затоа кога ќе се прочита дека Винко Прибојевиќ во 1500-тите зборувал дека Александар Македонски бил Словен тоа се толкува како неоспорен доказ и вистина, бидејќи тоа би значело дека ние денес и античките Македонци од пред два милениуми сме едно исто – има ли поголем легимититет за македонската државност и нација од тоа?
Бидејќи знам од лично искуство дека Прибојевиќ е еден од „главните адути“ на неоантичкиот македонизам (бидејќи и јас своевремено го користев), тука воглавно ќе се задржиме на објаснување на „антиквизацијата“ преку разгледување на неговиот случај.
Делото „За потеклото и славата на Словените“
Книгата „За потеклото и славата на Словените“ објавена во 1532 год. е всушност печатена верзија на говор кој Прибојевиќ го оддржал на островот Хвар во 1525 год.
Уште на почетокот на говорот тој се идентификувал како „Далматинец, а поради тоа Илирец, и најпосле како Словен“ – ова бил темелот на тезата која тој ја презентирал, а која гласела дека Словените се автохтон народ на Балканот и дека Илирите, Тракијците, античките Македонци, Сарматијците, Гетите, Готите и други всушност биле дел од славниот словенски народ.
Тој истакнал дека Словените биле тие кои ги поразиле Хелените, ја освоиле Персија и ги поразиле Индијците, го ограбиле Рим и ја освоиле Африка.
Контекстот на ренесансниот хуманизам
Овие ставови на Прибојевиќ се развиле во специфични услови и служеле на некаква цел. Прво, тие се појавиле во времето на Ренесансата – период на обновен интерес и љубов за антиката.
Тогашните хрватски и далматински хуманисти го возобновиле илирското име, бидејќи тоа било едноставно решение на дисконтинуитетот предизвикан од словенската инвазија и го поддржувало нивното право врз културното наследство на античка Далмација и Илирија (како што теоријата за континуитет со античките Македонци го поддржува нашето право врз античкото македонско наследство).
Влијанијата од Полска и библиските митови
Прибојевиќ најверојатно ги развил своите идеи под влијание на полските хуманисти за време на својот тригодишен престој во Краков, каде што се запознал со практиката на барање древно потекло за докажување на државниот и народен суверенитет.
Конкретно во Полска, тамошните аристократи се сметале за потомци на древните Сармати.
Уште повеќе, во тоа време било популарно барањето потекло од библиско време, поврзувајќи го својот народ со потомството на Ное – такви митови имало кај сите средновековни народи.
Бидејќи Словените не биле спомнати во Библијата, Прибојевиќ морал да пронајде начин да ги сврзе со потомството на синовите на Ное, па неговиот избор паднал на Тирас, седмиот син на Јафет, кој бил сметан за предок на Тракијците.
Користејќи се со аргументи поткрепени со антички извори, Прибојевиќ ги поврзал Илирите и Тракијците како еден народ со еден јазик, а тврдел дека античките Македонци не биле Грци.
За него сите овие всушност биле Словени, поткрепено со тоа што на земјата каде што тие живееле во негово време се говорело на словенски, кој всушност бил древниот јазик на овој „библиски, словенски народ со потекло од Ное“.
Панславизам и илирски корени
Ваквите пансловенски идеи во однос на Јужните Словени воглавно потекнувале од Хрватска бидејќи таму било најсилно влијанието на италијанската ренесанса и хуманизмот, особено на јадранскиот брег кој бил под контрола на Венецијанската Република.
Од Хрватска потекнувала и теоријата од 13 век дека глаголицата (која во Хрватска била користена најмногу и најдолго) била древно илирско/словенско писмо создадено во Хрватска од Св. Јероним (о. 342–420), христијански свештеник роден на границата помеѓу Далмација и Панонија, познат по канонскиот превод на Библијата на латински.
Се претпоставува дека бил од илирско потекло, што било искористено од средновековните хрватски писари кои го одредиле Св. Јероним како создавач на глаголицата, бидејќи одбраната на словенскиот јазик и писмо пред Рим била засилена доколку тие се поистоветувале со латински светец, наместо со византиските свештеници Св. Кирил и Методиј.
Оваа теорија хрватските монаси ја пренеле кај Чесите, а и на Западот, па таа со векови била сметана за правоверна. Таа теорија била побиена и исфрлена од употреба во 19 век, а денес мал број на квази-историчари ја возобновуваат врз основа на тие стари, веќе побиени средновековни извори.
Илирското движење и пансловенските идеи
Од Хрватска потекнувало и Илирското движење кое се појавило во 1830-тите години. Иако било насочено кон будење на хрватската национална свест, како одговор на германизацијата и унгаризацијата, повторно се целело и кон докажување дека словенските народи се автохтони на Балканот, промовирајќи ги идеите за пансловенство и единство на Јужните Словени, од кои корен влечело и југословенството.
Заклучок: историски митови и факти
Изворите на кои се засновале тезите за словенска автохтоност на Балканот, а со тоа и автохтоност на модерните словенски нации, се полни со историски грешки, недоразбирања, заблуди и претпоставки.
Во обидот за засилување на правото на државност и сувереност биле барани дури и библиски потекла, преку генеалогии кои немале никаква фактичка поткрепа, а биле плод на фантазијата на писателите.
Некои од аргументите биле засновани на постари извори, но и нивната веродостојност е проблематична.
Кога античките и средновековните писатели пишувале за туѓи земји и народи често користеле имиња и објаснувања кои немале за цел да бидат фактички најточни, туку едноставни за разбирање од читателите.
Античките писатели дури вметнувале и митолошки атрибути за далечните земји и народи, а средновековните често ги именувале народите според постари познати имиња или ги мешале со други, соседни племиња и народи.
Затоа постои историската наука, бидејќи таквите извори мораат да бидат проучени, анализирани, споредени – тие не смеат да бидат земени здраво за готово.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери