Втора светска војна, Историја, Политика

Априлска војна 1941

Априлска војна 1941

По неуспешниот обид за придобивање на Југославија кон силите на Оската (покрај потпишувањето на пакт во кој биле прифатени сите југословенски барања), Германија започнала подготовки за инвазија.

Наспроти популарното мислење дека територијата на Југославија ѝ била потребна на Германија за преку неа да ја нападне Грција која во тој момент пружала успешен отпор против Италијанците, вистината е дека до 27 март, денот на пучот во Југославија, било предвидено германскиот план за инвазија на Грција (операција Марита) да се изврши од територијата на Бугарија. Треба да се посочи на тоа дека Шведска, која потпишала договор за ненапаѓање со Германија, никогаш не била нападната бидејќи немало никаква потреба од тоа; не постои показател кој би укажал на тоа дека пактот со Југославија не би бил испочитуван од Германија.

По пучот и отфрлувањето на пактот од страна на Југославија, германските планови се промениле. Пробританска Југославија претставувала опасност: Германија стравувала дека нејзината територија може да биде употребена од британската авијација за бомбардирање на нафтените полиња во Романија, кои биле од непроценлива вредност за германската воена машинерија. За кратко време бил финализиран планот за инвазија на Југославија со помош на италијанската и унгарската армија.

Инвазијата на 6 април: Напад од сите страни

На 6 април 1941 год. започнала инвазијата со воздушно бомбардирање на Белград. Германскиот напад од Бугарија бил во правец кон Скопје и Ниш, од Романија кон Белград, од Унгарија кон Драва и од Австрија кон Цеље и Загреб. Италијанците и Унгарците се придружиле на 11 април, а до тогаш југословенската армија веќе била во повлекување и скоро и да немало отпор. Нападот на првите бил кон Љубљана и Далмација, а на вторите кон Нови Сад. Романија не учествувала во нападот, но пружила артилериска поддршка на германските единици. Југославија капитулирала по 13 денови војна, на 18 април.

Јасно е дека Југославија била надјачана, но треба да се има во предвид дека на 6 април 1941 год. Југославија располагала со 1.2 милиони војници. Зошто оваа војска доживеала колапс по само неколку денови, пружајќи неефективен отпор со минимален број на жртви кај непријателската страна?

Југословенската кралска армија, формирана по ПСВ, сѐ уште располагала со опремата и тактиките од таа ера. Периодот пред инвазијата започнала модернизација со чехословачка опрема и возила, но Чехословачка уште од 1938 год. се нашла во судир со Германија, а наредната година била окупирана, па Југославија го загубила тој партнер. Југославија стационирала одбранбени единици на јадранскиот брег и започнала да гради утврдувања на границата со Италија и со Германија кај Австрија. Југословенскиот воен план Р-40 бил во предвид по италијанската окупација на Албанија, а по стационирањето на германски единици во Бугарија во март 1941 год. бил усвоен планот Р-41. И двата планови се засновале на стационирање на 70-80% од целокупната армија долж широката југословенска граница. Како и српската армија во ПСВ, со Р-41 било предвидено доколку состојбата го налага тоа единиците да се повлечат од сите фронтови, освен од јужниот, па заедно со Грците да се изврши офанзива против Италијанците во Албанија и да се формира нов „Македонски фронт“ како во ПСВ.

Стратешки неуспех: Зошто планот Р-41 доживеа дебакл?

Со овој план имало неколку проблеми. За одбраната на границата долга 3.000 км биле потребни сите војници кои Југославија можела да ги собере, а на денот на инвазијата само 50% од мобилизираните сили успеале да се придружат на своите единици. Дополнително, стратегијата очигледно била застарена: југословенската армија, очекувајќи статична борба, на границите се позиционирала на стратешки позиции, кои едноставно биле заобиколени од Германците. Брзиот продор предизвикал хаос во редовите на бранителите, кои се распаднале пред да може да започне повлекување кон Албанија – над 300.000 војници биле заробени. Додека српските војници пружале некаков отпор, останатите народи немале волја за одбрана на српска Југославија и тоа придонело кон брзиот колапс.

Кралот побегнал, Југославија била распарчена и наскоро започнала крвава граѓанска војна.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD