ВМРО, Историја, Меѓувоен период

Атентатот врз Александар Димитров

Атентат врз Александар Димитров

Слично како и Рајко Даскалов, така и Александар Димитров бил приврзаник на Земјоделската влада, министер за внатрешни работи и министер за војна и голем непријател на ВМРО и навлегувањата на македонските комити во Вардарска Македонија од територија на Бугарија. Димитров имал контакти со некои леви струи во македонското движење, но неговата агитација против ВМРО го привлекло вниманието на Александров. На 2 август 1921 година, заедно со смртната пресуда против Стамболиски била изречена и пресуда за Александар Димитров. Димитров и самиот знаел што му се спрема и на една од неговите последни седници изјавил дека ќе биде убиен.

Последните моменти пред атентатот

На 22 октомври 1921 година, тој бил во придружба на неговиот телохранител и придружниците Ото Нехелес и чешкиот инженер Марек. Се движеле кон селото Горна Козица, па кон Ќустендил. Кога веќе почнале да се спуштаат кон градот, во еден свиок нивниот автомобил наишол на поставена заседа. Од заседата бил истрелан дожд од куршуми кон возилото на Димитров. Тој бил погоден во слепоочницата, а биле убиени и другите придружници освен Ото Нехелес кој се спасил. Покрај тоа што бил погоден со куршум, атентаторите предводени од Иван Јанев – Брло го избоделе министерот и му го пресекле гркланот.

Последици и значењето на атентатот

Поради извршувањето на атентатот, на Иван Јанев – Брло му била укината смртната пресуда изречена од Организацијата поради неговите грабежи врз населението во Источна Македонија. Така завршил уште еден непријател на македонското дело.