Втора светска војна, Историја

Битката кај Буковиќ

Битка кај Буковиќ

Покрај херојството на Илинденците, самопожртвуваноста на партизанските борци – особено тие помладите – е достојна за прераскажување. Партизанската борба во Македонија во текот на ВСВ не била толку масовна и крвава колку во останатите земји од поранешна Југославија, меѓутоа тоа не го одзема значењето на жртвата на оние кои дале сѐ во борбата за своите идеали и слободата.

Одбрана на првиот слободен град

Битката кај планинскиот превој Буковиќ во Кичевско е еден таков пример на пожртвуваност на млади Македонци. Таму, на 1 октомври 1943 г., младинската чета на баталјонот „Мирче Ацев“ се судрила со далеку побројните албански балистички сили чија цел била заземање на Буковиќ, а потоа продолжување кон Кичево кој од септември, по капитулацијата и повлекувањето на Италијанците, бил првиот град под контрола на партизаните.

Последниот јуриш на Мирко Милески

Во одбраната на слободната територија на Буковиќ се наоѓала четата на комесарот и народен херој Мирко Милески – Урош (20 годишен) и командирот Лазар Лазарески – Гоце (17 годишен) – вкупно 37 борци, меѓу кои и неколку млади Македонки. Од другата страна биле балистите предводени од озлогласените Џемаил Хасани и Мефаил Шеху. Во раните утрински часови на 1 октомври Мирко Милески телефонирал од железничката станица во Буковиќ дека неговата чета била нападната од побројни непријателски сили. Четата добила наредба за повлекување, но не била во можност да ја изврши навремено. Започнала битка која траела околу четири часови. Во неа паднале 32 борци од четата – само петмина успеале да се извлечат. Останал запомнет пркосот на комесарот Мирко Милески, кој откако ги испукал последните куршуми од пушката и револверот ја откачил бомбата и легнал врз неа. Партизанките Мара Угриновска – Гина и Олга Софеска Мицеска биле фатени живи, измачувани и на крајот погубени. Балистите имале 20 мртви во судирот.

Лекција по достоинство за денешните генерации

Споредете ги животните предизвици кои ги имаме ние на 20 годишна возраст со предизвиците на овие млади Македонци. Нека биде тоа потсетник дека спокојот кој го имаме денес бил скапо платен од некој пред нас. Херојството кај Буковиќ ќе остане запомнето! Слава им на паднатите!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD