Втора светска војна, Историја

Битката кај Дренак

Битка кај Дренак

Кога денес се говори за ВСВ во Македонија, скоро исклучиво се говори за борбата на партизаните со бугарските власти. Меѓутоа, македонската НОВ најкрвавите битки ги водела против албанските балисти, а најголемата и најславната битка во текот на Народноослободителната борба во Македонија била таа кај с. Дренак во Козјачијата (Кумановско). Таму, на 10 декември 1943 г., се одвивала целодневна битка помеѓу македонските партизани и српскиот Вардарски четнички корпус.

Првиот кумановски баталјон и командантот Карпош

Зајакнувањето на македонското партизанско движење во Кумановско не претставувало проблем само за бугарските власти, туку и за српското четничко движење, чии сили во Вардарска Македонија биле најсилни токму во нејзините североисточни предели. Со цел да го спречат понатамошното ширење на партизанското движење, четниците извршиле мобилизација таму каде што имале поддржувачи во Кумановско и донеле сили од лесковачкиот крај, со цел да се исчисти Козјачијата од македонските партизански сили. Наспроти нив бил Првиот кумановски баталјон „Јордан Николов-Орце”, формиран само десет дена пред битката и предводен од прочуениот командант и народен херој Христијан Тодоровски – Карпош.

Херојскиот отпор кај селото Дренак

Свесен за намерата на четниците и за престојниот судир, Карпош решил неговите сили – околу 150 борци – да го запоседнат с. Дренак, кое пружало добри одбранбени позиции. Утрото на 10 декември извидувачите забележале дека баталјонот е опколен од четнички сили, на број од 500-600 борци. Околу 9 часот започнала борбата. Четниците повеќе пати се обидувале да ги пробијат линиите со јуриш, меѓутоа биле одбивани, а на моменти македонските борци преминувале и во противнапад. Меѓувремено четничката Кривопаланечка бригада била нападната од 40-тина бугарски полицајци кои настапиле од правец на с. Ранковце. Последните четнички напади биле непосредно пред мракот. Со оглед на нивните жртви, тие се повлекле во текот на ноќта.

Триумф на македонското партизанско движење

Баталјонот имал 7 загинати и 6 ранети, додека четниците имале 20 загинати и 30 ранети. По оваа победа угледот на партизаните и на водачот Карпош нагло пораснал, а четничките сили започнале да го губат влијанието во Козјачијата.

Македонци, да ги помниме хероите од Дренак! Слава им!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD