ВМРО, Историја, Османлиски период

Битка кај Луково (1903)

Битка кај Луково

На 25 септември 1903 г., за време на Илинденското востание, во близина на кратовското село Луково се одвивала најголемата битка помеѓу чети на ВМРО и османлиската војска во Скопскиот револуционерен округ. Над 160 четници воделе борба со турска војска и башибозук од вкупно 7.000 борци – во десетчасовната битка четите дале над триесетмина загинати, пред да се повлечат под превезот на ноќта.

Стратешко распоредување на четите

Во битката учествувале четите на војводите Никола Дечев, Тома Пожарлиев, Атанас Мурџев, Григор Манасиев и поручникот Иван Топчев, кои кон средината на септември од кнежеството Бугарија влегле во територијата на Македонија. Утрото на 25 септември здружените чети се наоѓале на Петлев Чукар, помеѓу кратовските села Луково и Емирица. Од мештаните биле известени за приближувањето на османлиски сили, а војводите одлучиле да се даде борба. Четниците се распоредиле во линија по месностите Петлев Чукар, Шилков Чукар, Големиот Камен и Провлакот. Битката започнала претпладнето и траела до ноќта.

Силниот отпор под превезот на песната и барутот

Иако непријателот бил многу поброен, четниците долго пружале отпор и ги држеле своите позиции, стрелајќи кон аскерот и пеејќи песни. Со паѓањето на ноќта, османлиските напади станувале пожестоки, бидејќи нивните водачи биле свесни дека четите ќе го искористат мракот за да се повлечат. Во тие форсирани напади Османлиите претрпеле тешки загуби, но наскоро четите, свесни за состојбата во која се наоѓаат, морале да отстапат. Преживеаните наскоро се повлекле на територијата на Бугарија, а на бојното поле останале триесетмина четници. Животот го загубиле војводите Дечев, Манасиев и Топчев – првите двајца биле тешко ранети и за да не ги успоруваат своите соборци одлучиле да си ги одземат животите. Во битката загинал и Јулиј Розентал, поет и деец на ВМРО кој потекнувал од стар чешки благороднички род.

Длабока почит и вечна слава на паднатите борци!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD