ВМРО, Историја, Османлиски период

Битката кај Слива

битка кај Слива

Една од најпрочуените битки за време на Илинденското востание е битката кај месноста Слива, северно од Крушево, на 12 август 1903 година.

На Крушевската Република која била основана десет дена претходно (2 август) и се ближел крајот. Османлиската војска за справувањето со востанието во Битолскиот вилает успеала да ангажира околу 50.000 војници. Од нив, околу 15.000 добиле задача да го освојат Крушево и да ги разбијат востаниците. Востаниците донеле одлука да заземат позиции околу градот и да се обидат да го спречат или одвлечат непријателот.

Стратешката позиција на војводите Стојанов и Смугрев

Таква задача имале и околу 40 четници предводени од војводите Ѓорѓи Стојанов и Диме Смугрев, кои се наоѓале кај месноста Слива – вкопани во ровови и со висинска предност. Тие требале да задржат османлиски аскер од 3.000 војници кој се движел од правец на Кичево. Некои чети од таа линија веќе се повлекле, но борците кај Слива решиле да ја задржат османлиската војска што подолго, за востаниците и населението од Крушево да добијат повеќе време да се повлечат кон скривалиштата во местата Осој и Крушка.

Последниот плотун и саможртвата кај Слива

Најпосле пристигнала војската. Била пречекана од огнот на македонските борци. Османлиите прво пробале да ги пробијат линиите со коњаница, но неуспешно. Потоа следел и нападот на пешадијата, но и таа била принудена да запре. Борците од едната и другата страна биле толку блиску што можеле да си довикуваат едни на други. Четниците паѓале еден по еден. Повремено биле засилувани од одреди кои се повлекувале, земале учество во битката, па продолжувале со повлекувањето. Борците со часови ја држеле позицијата. Кога било извесно дека Османлиите ќе ги пробијат нивните ровови, преостанатите четници кои биле во рововите стрелале кон сопствените глави.

Таму, кај Слива, паднале над 30 борци. Што ќе се случело доколку тие не го задржале османлискиот аскер и тој влегол во градот додека населението се уште не било евакуирано? Благодарение на херојската жртва, одговорот нема да го знаеме. Македонци, не заборавајте какви великани некогаш живееле на оваа земја. Вечна им слава!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD