Патриотски приказни
Битката кај Кленоец
Само неколку денови по битката кај Буковиќ, на 6 октомври 1943 г. кај с. Кленоец (западно од Кичево) македонските партизански сили учествувале во нова крвава битка во одбрана на кичевската слободна територија. Овој пат освен балистите учествувале и германски сили.
По повлекувањето на партизанските единици од Кичево, борбите продолжиле во околните села. ГШ на НОВ и ПОМ донел одлука да се постави линија на одбрана кај селото Кленоец. За таа цел таму биле распоредени сили од баталјонот „Мирче Ацев“, а командант за одбрана на Кленоец бил комесарот и народен херој Јосиф Јосифовски – Свештарот, заедно со Мите Трпоски и Трајан Балев.
Фронтална борба и кобното предавство
На 6 октомври, околу 5 часот изутрина започнала жестока фронтална борба која траела со часови. Во нападот против партизаните биле употребувани и минофрлачи. Преживеаните кажувале дека за одбрана на Кленоец доброволно била пријавена албанска партизанска чета, која била приклучена на одбранбената линија. Сепак, се покажало дека тоа не биле партизани, туку балисти преоблечени во партизански униформи. Партизанските сили биле разбиени, а 13 од нив (повеќето тешко ранети) биле заробени. Меѓу нив бил и комесарот Јосиф Јосифовски. Тој и другите заробени партизани биле измачувани и убиени. Меѓутоа таквите ѕверства не го задоволиле апетитот на албанските балисти – теророт продолжил врз цивилното население на селото. Според германски извештаи, во Кленоец балистите убиле 50 Македонци – мажи, жени и деца. Во врска со партизанските загуби, се споменуваат бројки од 20 до 67 паднати борци.
Пустош и егзодус на македонското население
Последиците од албанскиот балистички терор биле катастрофални. Селата во Кичевско биле опустошени, а во многу од нив можеле да се видат само кучиња скитници. Бугарските власти во територијата под нивна контрола евидентирале стотици пребегнати македонски семејства од Кичевско во тој период.
Историски парадокс и лекција за денешницата
Од несфатливи причини, денес во Македонија е дозволено постоење на организации со името „балисти“ и споменици на балистички борци. Само кај Кленоец во еден ден биле убиени повеќе Македонци отколку во текот на целиот конфликт во 2001 г. – резултат на балистичкиот терор, кој како да е заборавен во денешна Македонија.
Слава им на македонските бранители на Кленоец!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери