ВМРО, Историја, Османлиски период

Битката кај Ѓурѓејца

Битката кај Ѓурѓејца

Големите битки кои се случиле за време на Илинденското востание се примери за самопожртвуваност на македонскиот народ, но за жал тие најчесто завршувале со пораз за востаниците. Сепак, кај Ѓурѓејца во Кичевско, на 4 август 1903 г. Османлиите биле поразени.

Крвавиот судир во месноста Ѓурѓејца

Една од најкрвавите битки во Илинденското востание во Кичевско се случила на една голема полјана помеѓу селата Карбуница и Кладник во месноста “Ѓурѓејца”. Пред битката, востаниците им нанеле загуби на османлиските сили при нападот на Кичево на првиот ден од востанието (2 август) и при одбраната на Вранештица следниот ден. Како одговор на овие судири, османлиските сили се прегрупирале и собрале албански башибозучки сили – вкупно 800 души. Прво било нападнато с. Карбуница, брането од околу 200 востаници предводени од војводата Арсо Мицков. Тие биле принудени на повлекување, па борбата се префрлила кај месноста Ѓурѓејца. Таму започнала жестока битка, а по некое време дошло и до борба со бајонети. Во тие тешки моменти пристигнала веста дека напомош доаѓа војводата Јордан Пиперката со 150 борци од Демирхисарско. Тоа навистина се случило, а засилувањето внело збунетост во османлиските редови и по смртта на башибозучкиот водач Сефер Ага од с. Зајас тие се дале во бегство. Македонските борци ја добиле битката.

Цената на победата и вечен помен

Победата била платена со 30 мртви. На третиот ден по битката во реонот пристигнал членот на Главниот Штаб Борис Сарафов, кој изразил благодарност за пожртвуваноста на борците во оваа пресудна битка. И ние денес си спомнуваме за нивната жртва и ветуваме вечен помен. Слава им!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD