Историја, Независна Македонија

Битката кај Радуша 2001

Битката кај Радуша

Битката кај Радуша, односно серијата вооружени судири помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи од УЧК во и околу с. Радуша, била последната битка и еден од најдраматичните настани од воениот конфликт во 2001 година.

По ескалацијата на конфликтот, кон крајот на март во повеќе населби близу косовската граница биле воспоставени или засилени полициски пунктови, а таков бил случајот и во Радуша. Радуша (тогаш со 1.800 жители), oпколена со доминантно албански села, се наоѓа во Дервенската клисура на десната страна на р. Вардар. Северно од селото минува железничката пруга Скопје-Тетово и патот Р2234 кој го поврзува Скопје со Полог. Непосредно до Радуша, на исток преку реката, се наоѓа малата населба Рудник Радуша – во оваа населба била полициската станица со 30-тина резервисти на МВР, а на помалку од километар на север, на патот кој води до косовската граница, се наоѓала пограничната караула на АРМ со 20-тина војници, еден „Хермелин“ (ТМ-170) и тенк Т-55. Во реонот вкупно имало околу 60 припадници на МВР и АРМ.

Стратешката важност на Радуша и заканата врз Скопје

Првиот судир бил на 20 јуни, кога четиричлена патрола на МВР открила група од 40-тина терористи над селските гробишта во подножјето на пл. Жеден (јужна страна). Патролата отворила оган, кој бил возвратен, по што патролата се повлекла. Била повикана хеликоптерска единица на АРМ чиј оган ги принудил терористите на повлекување. По судирот, на местото на престрелката бил откриен камп.

Три денови подоцна, на 23 јуни, патрола на МВР со 6 полицајци во возила „Застава 101“ и „Лада нива“ паднала во заседа на патот Дворци-Радуша. Заставата била погодена од север со две зољи во тркалото и багажникот, по што бил отворен автоматски оган. Возилото застанало, а ладата под тежок оган продолжила во правец на полициската станица. Терористите започнале да се приближуваат до тројцата ранети полицајци кај возилото, но биле одбивани од командирот Ацо Стојановски, кој триесетина пеколни минути ги бранел ранетите колеги до пристигнувањето на армиски хермелин од караулата кој ги растерал терористите и евакуирал ранетите. Тој ден било избегнато ново Вејце, со петмина ранети и без загинати.

По заседата безуспешно се барало засилување на силите во тој крај. Терористите ја окупирале северната страна на пл. Жеден во чие подножје се наоѓа изворот Рашче, од кој со питка вода се снабдува главниот град. Заземањето на изворот од албанските терористи би предизвикало хуманитарна катастрофа, а се чини дека тоа била нивната цел за време на борбата која се одвивала помеѓу 9-12 август.

Напад во примирје: нерамноправната битка со УЧК

На 9 август, во услови на прогласено примирје, врз македонските позиции кај Радуша бил отворен рафален оган од самото село и минофрлачки оган од близина на камп на УЧК кај с. Кривеник во Косово – односно оган од територија на друга држава. Главниот албански копнен напад започнал во раните утрински часови на 10 август од три правци: од кампот на УЧК од Косово, од самото с. Радуша и од пл. Жеден – се проценува дека учествувале 600-700 борци на УЧК, десет пати повеќе од бранителите. Во текот на борбата армиската караула била отсечена од полициските сили кај селото, кои биле забарикадирани во станицата. Следувала жестока размена на оган и блиска борба кај двете позиции, а еден војник на АРМ бил ранет и со Хермелин бил однесен за Скопје сред престрелката. Бранителите биле препуштени сами на себе, а МВР и АРМ се колебале за акција поради прогласеното примирје. Наредниот ден, 11 август, бил обновен нападот на терористите кај караулата и други локации во Скопско, а поради критичната состојба МВР пратила специјална единица од „Тигар“ за извлекување на опколените бранители од Радуша, но не успеала да се пробие поради жестокиот оган. Бранителите и тој ден успеале да ги одбијат нападите. На 12 август била активирана армијата: по албанските позиции се удрило со Ми-24, Су-25 и артилериски и ракетен оган од блиската караула кај Чашка. Терористите со големи загуби биле принудени на повлекување, а во текот на денот биле извлечени војниците и полицајците. По ова македонските сили прогласиле едностран прекин на огнот, бидејќи наредниот ден бил потпишан Рамковниот мировен договор. Поради тоа, иако била воспоставена доминација на теренот, МВР и АРМ не продолжиле со акција и селото било напуштено за да се избегне ескалација.

Во текот на битката биле ранети десетина бранители, без загинати. Албанските терористи тврделе дека немаат загуби, но по војната во селото бил подигнат споменик на паднатите борци од УЧК. Се проценува дека загинале десетици или над стотина албански терористи. По битката терористите прогласиле победа поради повлекувањето на бранителите, а истакнале и дека „заробиле тенк“ – се работи за армискиот тенк Т-55, кој при извлекувањето на војниците се заглавил во каналот на Кривеничка река, па бил онеспособен за борба и оставен.

Опколени, бројчано надјачани, оставени сами на себе и без проток на храна, вода и муниција, бранителите ја задржале Радуша. Колку што е голема нивната слава, толку е голем срамот за македонскиот политички врв, кој поради кукавичлукот и сервилноста ризикувал да се случи масакр врз 60-тина бранители, што би била незамислива загуба за македонскиот народ. Бог бил со македонските бранители за сите од нив живи да го напуштат бојното поле. Им благодариме за нивната саможртва и славниот пример оставен во новата историја на нашиот народ.

Ние помниме – вечна им слава на бранителите на Радуша!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD