Историја, Османлиски период, Прва светска војна

Херојскиот подвиг и воениот пат на Борис Дрангов

Борис Дрангов

Борис Дрангов е уште еден од заборавените македонски херои. Неговата служба во бугарската војска го направило неподобен во времето по ВСВ. На 15 март, неговиот роденден, да му оддадеме почит на овој македонски борец и воен педагог – учесник во Илинденското востание, Балканските војни и во ПСВ како командант во 11 пешадиска македонска дивизија.

Б. Дрангов бил роден во Скопје (1872 г.). и по школувањето во родниот град бил примен во Военото училиште во Софија. За време на Илинденското востание ја напуштил воената служба и заминал во Македонија со други офицери, а делувал во кратовскиот регион:

„… Во тој свечен миг, јас, без двоумeње ја поставувам татковината повисоко од семејството, нејзината доброчестина погоре од нашите лични добра…“

Во Првата балканска војна војувал на боиштата во Тракија, со чин мајор, а за своето херојство бил одликуван со орден за храброст. Во Втората балканска војна учествувал во борбите против српската војска кај врвот Бублјак.

Дрангов најмногу се истакнал за време на ПСВ. Бил унапреден во чин потполковник и го предводел 5-от македонски полк во составот на 11 пешадиска македонска дивизија. Тој успеал да ги претвори неискусните македонски доброволци од полкот во способни борци. Учествувал во повеќе битки во Вардарска Македонија, а еден период војувал и на фронтот во Добруџа против Романија. Во текот на војната бил и началник на новосоздадената офицерска школа во Скопје. Се истакнал со својот авторитет, своите педагошки и ораторски способности, но пред се со својата грижа за војниците под негова команда, со што се стекнал со нивната верност и почит. На 26 мај 1917 година бил ранет од француски артилериски оган кај реката Црна. Ноќта подлегнал на раните.

Бил погребан во Скопје со сите почести и масовно присуство на Скопјани, во дворот на црквата Св. Димитар, но по крајот на војната неговите коски биле преместени во градските гробишта од страна на српските власти.

Дрангов бил човек кој оставил голем впечаток кај своите современици, а за неговиот лик долго се прераскажувало од нему верните војници. На овој ден го помниме неговиот подвиг и му ветуваме вечен спомен!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD