1945-1991, Втора светска војна, Историја

Тројцата браќа Пешови

https://www.instagram.com/p/CzyMLIhM1CV/

Не ретко цели фамилии се жртвувале во борбата за слобода на македонскиот народ. Димитри Пешов од Воден имал четири синови – во рок од еден месец останал само со еден.

Семејства кои ја жртвуваа иднината за слобода

Браќата Стати, Анастас и Ѓорѓи Пешови биле принудени на работа од млада возраст поради сиромаштијата во големата фамилија, а како млади се придружиле и на револуционерните кругови, станувајќи дел од КПГ и комунистичката младинска организација ОКНЕ. Нивниот мотив бил борбата за национални и социјални права на македонскиот народ, кој во тоа време во Егејска Македонија се наоѓал под гнетот на режимот на Метаксас. Сите тројца биле партиски активисти во текот на Втората светска војна.

По војната, Стати и Анастас биле уапсени од грчките владини сили поради нивната политичка активност – првиот, најстариот, одреден период бил држен во затворите во Лерин и Солун, а Анастас бил затворен и измачуван во кампот на егејскиот остров Аи Стратис (Ајос Евстратиос). И двајцата се придружиле во редовите на ДАГ по пуштањето од затвор, а третиот и најмлад брат Ѓорѓи бил меѓу првите кои се придружиле во нејзините редови. Сите тројца се држеле херојски во борбата и биле почитувани од своите соборци.

Храброст под притисок: Затвори, измачувања и непоколеблива борба

Борбениот пат на тројцата браќа завршил во ноември 1948 година. Прв паднал средниот брат Анастас, тогаш со чин комесар потпоручник, во борба на пл. Каракамен на 12 ноември. Наредниот ден, на 13 ноември, најстариот брат Стати – комесар на единица – бил убиен кај Воден. Малку подоцна, на 30 ноември, најмладиот брат Ѓорѓи загинал во борба кај месноста Мухарем Хан помеѓу Острово и Владово.

Фамилијата Пешови е само една од многуте фамилии кои платиле голема цена во борбата за слобода на македонскиот народ. Наше е да ги помниме паднатите и да се инспирираме од нивната жртва.

Вечна им слава на хероите!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD