Идеологија, Политика

Целта на државата

Целта на државата

Кога правилно ќе се согледаат работите, единствената врховна цел на државата е многу јасна: зачувување на народот и неговите биолошки и културни одлики и обезбедување негова иднина. Сѐ останато е само средство во таа насока – и самата држава е средство за исполнување на споменатата цел.

Средствата и нивната вистинска смисла

Заштита на границите, силна економија, технолошки напредок, вложување во образованието и здравството, подобрување на животниот стандард – сите овие идеи се сплотуваат во врховната цел. Сите тие сами по себе не гарантираат успешно и здраво општество, доколку не служат на повисок идеал. Какво значење има одбрана на надворешните граници, кога државата одвнатре е трула? Која е потребата од почитување на државните закони, доколку тие се директно спротивставени на националните интереси на народот? Што ако производството е големо, доколку не постои стратегија која неговиот плод би го искористила за потребите на народот? Што ако здравствените услуги се беспрекорни, доколку никој не може да ги приушти, а нездравото општество создава сѐ поголем број на луѓе зависни од нив? Колку долго ќе трае благосостојбата на богатите земји кога општествените спротивставености, кои тие ги игнорираат или засилуваат поради фокусот врз економијата и само економијата, ќе дојдат до точка на вриење?

Нацијата како суштина на државата

Сите овие елементи ќе добијат смисла кога ќе се обединат на патот кон единствената цел – опстанок на нацијата. Неповрзани и без повисока идеолошка насока тие можат да бидат само краткорочна цел со краткорочни последици. Една од најлошите работи што може да се случи е да се признае таа повисока цел, но да ѝ се прикачи на идејата за опстанок на државата како крајна цел, а не нацијата. Државата е како сад: тој сад има некаква смисла само кога може да го зачува и да го заштити она што се содржи во него. Во спротивен случај, тој не вреди ништо.

Последното прашање

Ќе го завршам овој текст со прашање: дали има смисла моќна армија и силна економија, доколку во Македонија повеќе нема Македонци, македонска култура, македонски јазик, а нашата крвна линија е засекогаш згасната?

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD