Патриотски приказни
Даме Груев: Срцето на ВМРО
На овој ден пред 115 години, во судир со османлиската војска кај Русиново во 1906 г., на 35 годишна возраст бил убиен револуционерот, еден од основачите на ВМРО и еден од неговите најистакнати водачи, „волјата на револуционерна Македонија“ – Дамјан Груев.
Срцето и душата на Организацијата
Името на Даме било засекогаш втиснато во колективната свест на македонскиот народ преку неговата иницијатива и учество во создавањето на ВМРО. На конститутивната Јануарска средба во 1894 г. Даме бил избран за секретар-благајник, меѓутоа неговите современици биле согласни, дека Даме бил срцето и душата на организацијата.
За духовната состојба на македонскиот народ, која потсетува на денешната, на 7 февруари 1894 г. Даме во писмо Никола Дејков истакнал: „Нашиот народ е затапел, своето го презира, а за верба во себе тешко сака и да слушне. Црковно-училишните работи од пред неколку години се во владение на неколцина… Народот се отеглил целосно, малку ги согледува и цени своите интереси. Затоа барањето сега на негово содејство честопати удира на камен, како да се кани за поход на Кина.“
Борба против народната летаргија
Тешката борба за освестување на еден заспан народ не ја поколебала одлучноста на Даме. Тој макотрпно патувал низ македонската земја, вршејќи повеќе обиколки низ градовите и селата во текот на својата револуционерна дејност, формирајќи комитети и ширејќи ја организационата мрежа. Бил еден од главните водачи во Илинденското востание, како член на ГШ на II Битолски револуционерен округ, а по неговото задушување Даме останал во Македонија за да ја сподели горката судбина со соборците и народот, но и да го подигне нивниот дух. Се обидел да влијае со својот авторитет во решавање на кризата во организацијата по востанието, но не бил успешен. Сепак, тој продолжил со своите обиколки низ Македонија, зацврстувајќи ја мрежата на „подземната република“. Токму за време на една од тие обиколки, Даме Груев паднал во борба на 23 декември 1906 г.
Создавачот на „подземната република“
Бескрајно посветен на револуционерното дело, ликот на Даме Груев денес е светол пример за оние Македонци кои ја согледуваат летаргијата на своите сонародници и се свесни дека промени мора да има. Вдахнат со херојството на предците, македонскиот народ повторно ќе се пробуди.
Сведоштва: Македонија не роди друг како него
„(Со смрта на Даме) му се нанесе огромен удар на македонското ослободително движење. Местото што тој го имаше остана незафатено, празно. Немаше фигура што можеше да го замени паднатиот на својот боен пост македонски револуционер, немаше лице што можеше да го има авторитетот на Груев и да служи како центар за обединување на македонските сили…“ – Димитар Влахов.
„(Даме б.н) фактички ја раководеше целата работа на Организацијата – ги пречекуваше и испраќаше сите пратеници од провинцијата, како и сите видни Македонци коишто доаѓаа во Солун, и со ретка умешност ги изучуваше и привлекуваше за идејата, притоа приспособувајќи се по најчуден начин кон професијата, интересот и карактерот на секој еден, тој лично даваше директиви на сите раководители од провинцијата кога доаѓаа во Солун воопшто. Даме ги држеше сите нишки на Организацијата, којашто живееше, растеше и се пројавуваше главно под негово директно и силно влијание.“ – Велко Думев.
„Кога говореше со својот сладок глас во неделното училиште, во собранијата, кога агитираше седнат меѓу занаетчиите или селаните… тој влеваше тих ентузијазам, влеваше боречки дух во старите срца и од нерешителните, плашливи и неверни во себе робови, тој неосетно создаваше совесни граѓани, создаваше борци, тој ги омајуваше сите и ги завлекуваше во Револуционерната организација… Друг агитатор сличен на него Македонија не роди.“ – Васил Пасков
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери