Идеологија, Политика

Демарксизација на македонскиот ум

Демарксизација на македонскиот ум

Огромниот дел од Македонците не се свесни дека нивните политички и општествени погледи се целосно или делумно засновани на марксистичкиот светоглед – оставштина од претходниот политички поредок.

Македонската држава, за разлика од соседните, била создадена под раководството на комунистичката партија и во времето на нејзиниот поредок се обликувала македонската историска, политичка и општествена мисла со марксистички шмек.

Македонската држава под комунистичкиот идеолошки печат

За волја на вистината, тоа за Македонците била првата шанса за претставување на својата историја и сегашност без влијание на соседните визии.

Другата визија, марксистичката, своевремено послужила на повисоката цел и денес би можела да биде занемарена доколку не го кочи политичкиот и општествениот развој, но таа го прави токму тоа.

Црно-белиот историски наратив

Пред сè, сè уште доминира црно-белиот (типично догматски марксистички) историски поглед: само левите сили секогаш биле добри и на правилната страна, па оттаму истото важи и денес; а штом историски тие контра левите биле лошите во секоја од приказните (некако сосема случајно), тогаш контра левите се грешни и денес.

Со тоа се воспоставува левичарски монопол врз минатото и сегашноста.

Југомарксистички остатоци во современото размислување

Тоа не секогаш се манифестира со поддршка за левичарски партии, туку со општо водење според југомарксистичкиот светоглед – дури и во патриотскиот сектор.

Тука често подразбираме скептицизам кон национализмот, наводно одговорен за убиството на Југославија; идејата за безусловно наднационално братство и единство; секуларизирана религиозност; склоност кон земјите со бивши комунистички режими; поистоветување со “неврзаните” – сиромашните и културно уназадени земји; иронична одбивност кон сродните европски народи и цивилизација кон кои и самите припаѓаме.

Последици од идеолошкиот застој

Марксизмот дава интернационалистички “пролетерски полет” за идејните левичари, но за огромното мнозинство Македонци е стерилизирачки токсин, пречка за премин од млитавиот и безидеен македонски патриотизам кон свесен, идеолошки национализам кој може да вдахне вистински национален дух, обединувачки и творечки, на летаргичното македонско народно тело.

Почнете со исфрлување на интернационалистичкиот марксистички отров од своето тело – заменете го со вистински македонски национален дух.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *