Историја, Независна Македонија, Политика

Случајот ДИВО НАСЕЉЕ

Диво Насеље 2015

На 9 и 10 мај 2015 год. во борба против албански терористи во кумановското Диво Насеље животот го загубија осуммина македонски специјалци, дел од новите маченици од македонската историја чии имиња вечно ќе се помнат.
Што ѝ претходело на акцијата и како таа се одвивала?

Тензии пред акцијата

Во февруари 2015 год. опозициската партија СДС започна со објавување на т.н. „бомби“ – прислушкувани разговори од владини функционери. Ова предизвика масовни антивладини протести во Скопје – на еден од нив, на 4 април (пет недели пред акцијата во Диво Насеље) поранешниот полициски генерал С. Ангелов предупреди дека „некој подготвува монструозен план за меѓуетнички конфликт“, според информации кои ги добил од службите за безбедност. На 10 април беше фрлена бомба пред Владата, а наредниот ден албанскиот „командант Куштрими“ презеде одговорност за нападот.

21 април се случи посериозен инцидент: вооружена група од 40-тина лица ја зазеде караулата на македонската Гранична полиција кај Гошинце (4 км од границата со Косово). 4 полицајци беа заробени, па пуштени, но било запленето оружјето од караулата. Овој настан од опозицијата беше оценет како измислено сценарио на владата на Груевски, а опозициските медиуми ја потценуваа и исмејуваа состојбата.

Во наредните денови македонските безбедносни служби идентификувале некои од напаѓачите (познати албански терористи и криминалци) и пронашле дел од оружјето во неколку села. Во периодот од 27 до 8 мај некои од осомничените лица биле следени и имало сознанија дека членови на вооружената група се наоѓаат во селата Брест и Отља, како и во кумановската населба Диво Насеље.

Подготовка и планирање на операцијата

МВР донело одлука да се тргне во акција што побрзо пред групата да може да дејствува и план бил подготвен на 8 мај. Тој ден биле подготвени специјални единици и со дрон биле собирани податоци: проценките биле дека во Брест се наоѓаат 7-8 терористи, во Отља 15-25, а во Диво Насеље 3-4. Истовремена операција требала да биде извршена на трите места на 9 мај – ЕБР требало да дејствува во Брест и Отља, а ЕСЗ во Диво Насеље.

Борбата во Диво Насеље

Со штури податоци и без соодветно извидување на состојбата пред акција, во 5 часот наутро на 9 мај тим од 12 „тигри“ со три возила влегол на ул. „Перо Илиевски“: задачата била да се изврши претрес во комплексот од три куќи од левата страна на улицата. Две одделенија на ЕБР биле поставени на две улици пред и зад местото на акцијата, а врвот на МВР ја следел ситуацијата од Скопје. Кога „тигрите“ се приближиле до комплексот, кон нив била испукана ракета и фрлена бомба, а продолжил и рафален оган. Двајца „тигри“ загинале во првите моменти, а имало и повредени. Тимот бил изненаден, отсечен и без водство. Се покажало дека групата од 3-4 души е всушност составена од помеѓу 40-50 борци (меѓу нив и групата од Отља, која претходно се префрлила незабележано), некои од нив ветерани од две војни, распоредени во полукруг по куќите низ улицата и подготвени за борба.

Кога полициската единица во Отља утврдила дека таму нема никој веднаш се упатила кон Диво Насеље, каде што почнале да пристигнуваат и други засилувања. Тимот на „тигрите“ со поддршка од ЕБР успеал да се повлече на главната улица, а притоа загинал и специјалец од ЕБР. Оган доаѓал од сите куќи од левата и десната страна долж ул. „Перо Илиевски“, а тесните улички околу куќите ја отежнувале акцијата за нивно чистење. До 10 часот, со пристигнувањето на поддршка, состојбата се стабилизирала. Се започнало и со евакуација на цивилите во и околу местото на борба. Специјалците ги користеле околните куќи за подобра линија на оган кон непријателот. Терористите стапиле во контакт со врвот на ДУИ за нивно извлекување, што не било можно; потоа стапиле во контакт со ОБСЕ за да договорат предавање. Попладнето започнале да се предаваат некои од терористите – поради некоординација и непретпазливост, при приведувањето на терористите кои излегувале еден по еден од куќите тројца специјалци биле убиени од оние терористи кои останале на своите позиции – меѓу нив и командантите Ндрецај и Ризај. Ноќта помеѓу куќите загинал уште еден специјалец. Наредното утро, на 10 мај, загинал осмиот специјалец од снајперски оган. Ндрецај и Ризај биле убиени и престрелките прекинале околу 10 часот.

Акцијата завршила по 28 часови непрекинато стрелање. 8 специјалци биле убиени, а 37 ранети. Од другата страна, биле убиени 10 терористи (9 од Косово и 1 од Македонија) и уапсени триесетина. 33 од приведените беа осудени: 7 од нив на доживотен затвор, 13 на 40 години, 6 на 20 години, едно лице на 18 години, две на 14 години, три на 13 години и едно лице на 12 години. Телата на убиените терористи беа пречекани како херои во Косово, а косовските власти доделија помош од 200.000 евра за семејствата на загинатите и осудените.

Според истражувањето и исказите на уапсените по акцијата, албанските терористи планирале напади низ Македонија за разгорување на состојбата и отворање на конфликт кој би довел до формирање на Голема Албанија. Нападите требале да започнат кон средината на мај: имало план за уништување на Камениот мост во Скопје и напад на повеќе локации во Куманово, а и во други градови, во кои би биле предизвикани и цивилни жртви.

Полициската акција го спречила изведувањето на терористичките планови кои би имале незамисливи и непредвидливи последици. Во време во кое низ Европа зачестија терористички напади со голем број на цивилни жртви, хероите од Диво Насеље се жртвуваа себеси за да спречат жртви помеѓу обичниот народ.

Од друга страна, начинот на изведување на ацкијата со висок број на жртви – дури осум загинати и повеќе од триесетина ранети – и прашањето околу улогата на македонските и косовски служби во настанот, оставаат многу прашања и горчливо чувство.
Вечна им слава на хероите од Диво Насеље – никогаш заборавени!

Случајот Диво Насеље, како и секој друг трагичен настан од историјата на „независна“ Македонија, е обвиткан во мистерија и многу повеќе прашања од одговори. Овој текст нема да ги даде сите одговори, но би сакал да ги изложиме некои од познатите информации за двете клучни прашања: која била мотивацијата на албанските терористи и кој бил нарачателот на настанот? Важно е да се извлече и заклучок од овој случај.

Последици, мотиви и заклучоци

Првото прашање не остава простор за голема мистерија. Таканаречената „кумановска група“ била составена од мнозинство Косовари, а локалните Албанци воглавно биле логистичка поддршка. Голем дел од нив биле ветерани од косовската војна и 2001, односно се работи за лица кои веќе имале претходно искуство од борба за великоалбанскиот идеал, но и криминално искуство. Реториката на групата беше дека нивната дејност била поттикната од „крикот“ на нивните „угнетени“ браќа и сестри од Македонија и од неисполнувањето на Рамковниот договор. Целта била преку терористички напади да се принудат уште поголеми отстапки кон албанското малцинство и евентуално да се дојде до судир кој би резултирал со формирање на Голема Албанија.

Без оглед на тоа кој стоел зад групата, директните учесници кои ги ризикувале своите животи биле мотивирани од идеализам или парична награда, бидејќи од повеќе извори се спомнуваше дека на групата ѝ биле понудени средства помеѓу 2-5 милиони евра. Најверојатно мотивот бил комбинација од двете.

Факт е дека барем од април 2015 год. имале контакт со политичари од Македонија и со агенти од македонските служби.
Тој месец, тогашниот градоначалник на Липково и поранешен терорист од т.н. ОНА, Садула Дураку, имал средба со водачите на кумановската група откако разбрал дека сакаат да се засолнат во Липково. Средбата била оддржана со знаење на Али Ахмети и на неа Дураку, според сопствен исказ, се обидел да ги разубеди неговите „браќа по оружје“ да не доаѓаат во тој крај. Сметам дека Ахмети и ДУИ навистина немале причина за поддршка на кумановската група. Тие веќе беа и се на власт во државава, ништо не поминува без нив и нивната положба е идеална: нови тензии или војна може само да им наштети.
Во однос на врските со македонски разузнавачи, се знае следново. Заробените терористи во судскиот процес со име и презиме посочиле дека групата имала контакт со Ниметула Абдула, агент од кумановското одделние на УБК. Абдула починал во септември 2017 откако му се слошило, пред да биде повикан како сведок. Неговиот братучед ги превезувал терористите низ Отља и е осуден на 13 години затвор. Понатаму, групата изјавила дека имала контакт со агентот Арбенд од УБК, но сѐ уште не е откриено за кого станува збор. Најпосле, контакт имал и Шенаси Мемети, агент од Агенцијата за разузнавање (АР). Водачите на групата, Ризај и Ндрецај, снимале телефонски разговор со него по нападот кај Гошинце. Мемети никогаш не беше повикан како сведок во судењето, а АР образложи дека нејзините вработени се должни да чуваат државни и службени тајни, а сведочење на Мемети би наштетило во таа насока.

Треба да се додаде и тоа дека терористите од Отља во Диво Насеље биле префрлени ноќта помеѓу 8 и 9 мај со возила на брза помош, откако добиле дојава за престојната полициска акција во Отља. Кој ја дал дојавата, како тие се префрлиле во Куманово со возила на брза помош и со целото наоружување под носот на безбедносните служби (кога веќе се знаело за нивното присуство во Отља) и зошто се префрлиле во Диво Насеље наместо да се повлечат кон Косово – се прашања на кои нема одговор.

Учеството на агенти и сомнежи

Не се знае дали споменатите агенти имале задача да комуницираат со групата или делувале самоволно. Постојат повеќе можности: тие ја искористиле својата позиција за да ѝ помогнат на групата без знаење на службите; или стапиле во контакт со групата по налог на службите за таа да биде намамена и елиминирана во контролирани услови; или по налог на власта биле намамени со цел да бидат жртвувани за сценарио на етнички конфликт кој би требал да ја зајакне позицијата на тогашната владеачка гарнитура. Во недостиг на конкретни докази, сите опции се валидни, но единствено сметам дека доколку се работело за сценарио на власта акцијата во Диво Насеље би била извршена прецизно и без големи полициски жртви, бидејќи трагичниот настан само ја влоши состојбата.

Постои и сомневање дека групата била организирана од косовските служби.
Во недостиг на одговори за важните прашања директно поврзани со случајот, можеме да донесеме три општи заклучоци.
Прво, од идеализам или за пари, шансите за врбување на голема група на етнички Македонци за вршење терористички акции и вооружена борба против безбедносните сили (кои имаат мнозинство македонски припадници) се скоро непостоечки. Фактот што постои огромен простор и постојана опасност од врбување на голема група на етнички Албанци за истото е нешто за кое што треба да се размисли кога станува збор за меѓуетничките односи и меѓуетничкото општество кое нашите политичари го величат. Тука не се работи за тоа дека сите Албанци од прв до последен се терористи, туку нивното присуство како заедница ја зголемува шансата за појава на тероризам и секогаш можат да бидат искористени од внатрешни или надворешни сили како фактор за дестабилизација.

Второ, еден од заробените и осудените терористи бил полицаец од Ваксинце. Тој човек ја носел униформата на македонската полиција, а убиените специјалци во Диво Насеље биле негови колеги. Овој пример е предупредување за секој Македонец во безбедносните сили: никогаш не можете да бидете целосно сигурни покрај вашите колеги, особено оние кои на социјалните мрежи имаат слики со знамето на УЧК. Тој кој ве части кафе денес, утре може да ве држи на нишан. Ова уште повеќе се демонстрираше со дезертерите од АРМ во 2001 год. кои се придружија на терористичките сили (меѓу нив и денешниот претседател на собранието). Македонците во полицијата и армијата секогаш ќе бидат изложени на опасност од ново Вејце, Карпалак, Диво Насеље – настани каде што непријателот чудесно добивал информации за движењето на безбедносните сили.

Трето, жртвувањето на безбедносните сили за одбрана на државата и елиминирање на терористички групи како ОНА и групата од Диво Насеље, за потоа заробените терористи да бидат амнестирани или екстрадирани во Косово (каде што практично ќе бидат слободни), е залудно сѐ додека Македонија не е држава на Македонците. Секој преживеан терорист поседува магична карта за „преродување“ во терористички камп во Косово откако ќе биде заробен. Во иднина, намалување на бројот на заробени може да помогне.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD