Патриотски приказни
Држава и нација
Во денешно време луѓето имаат потешкотии да прават разлика помеѓу држава, нација, државјанство и националност. Еве што значат овие поими во стварноста:
- Држава: политичка творба со суверенитет врз одредена територија, составена од множество на институции кои ги уредуваат животот и правилата во дадената територија.
- Нација: народ со заеднички идентитет – споделени јазик, култура, историја, потекло и самосвест – кој живее на територија која може да се протега низ повеќе од една држава.
- Државјанство: легален статус на поседување на збир од права и обврски во однос на држава.
- Националност: припадност кон одредена нација која не секогаш вклучува легален статус.
Разграничување на поимите
Други можат различно да ги толкуваат овие поими и се наоѓаат разни дефиниции, но сметам дека објаснети на овој начин се остава помал простор за мешање на нивните значења.
Општо, за две од овие четири поими нема многу дилеми: и државата и државјанството се јасно дефинирани појави, вклучени во разни уставни и законски одредби кои не зависат од субјективната свест.
За разлика од нив, кај нацијата и националноста може да има забуни ако не се разбрани на овој начин, бидејќи често се мешаат со држава и државјанство – што е непотребно, со оглед дека веќе имаме јасна дефиниција и претстава за тие две.
Разликата меѓу држава и нација
Додека државата е политичка творба, нацијата се однесува на народот.
Во македонскиот и во словенските јазици „нација“ и „народ“ можат да имаат исто значење, но народ е многу поширок поим и може да има повеќе значења, па затоа се употребува „нација“ како поконкретен термин.
Една нација може да се протега низ повеќе држави, таму каде што постои свест за припадност кон неа. Нацијата може да биде:
- Граѓанска – основата е верноста кон државата, нејзината култура и вредности.
- Етничка – основата е потеклото и заедничкото етничко наследство.
Националност и државјанство – чести забуни
Националноста често се поистоветува со државјанството – ова зависи и од јазикот за кој станува збор.
На пример, во англискиот јазик поистоветувањето на овие поими е почесто. Сепак, државјанството е секогаш поврзано со државата и припадноста кон неа, додека националноста е сврзана со припадност кон нација/народ.
Пример: Македонец во Албанија има албанско државјанство, но македонска националност.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери