Патриотски приказни
Етникум и нација
Поимите етникум и нација често се употребуваат наизменично, но може да се конкретизираат.
Во суштина, етникумот и нацијата споделуваат одредени обележја: тие претставуваат група на луѓе со споделен јазик, култура, историја, потекло. Сепак, двете поединечно имаат по едно посебно обележје без кое не би биле тоа што се: кај етникумот тоа е крвното потекло, а кај нацијата тоа е националната свест.
Етникумот како генетско и културно јадро
Етникумот, односно етничката заедница, претставува народ кој живее на одредена територија (која не мора да е опфатена од само една држава) и споделува заедничко потекло кое води низ вековите до едно исто генетско јадро.
Тоа јадро, заедно со останатите јазични, културни и историски одлики, го разликува од останатите народи.
Етничките заедници како појава предничат пред развивањето на национална свест, која не секогаш е била присутна, но е неопходна за постоењето на една нација.
На пример, во раниот Среден век словенските племиња немале национална свест која свесно би ги обединила, но сепак претставувале една етничка група – слично било и со германските племиња.
Нацијата – етничка и граѓанска форма
Нацијата воглавно се појавува во два видови: етничка и граѓанска.
- Ако нацијата е етничка, тогаш важи истото објаснување како за етничката заедница, со тоа што е неопходно нејзините припадници да имаат развиено национална самосвест за припадност кон неа (на пример, поголемиот дел од европските народи). Нивните приврзаници се нарекуваат етнонационалисти.
- Ако нацијата е граѓанска, таа најчесто се протега на територијата на една држава и се поистоветува со нејзините закони, култура и вредности. Обично е составена од повеќе етникуми (пример – американската нација) и нејзините приврзаници се граѓански националисти.
Етничко потекло и национална свест
Етничкото потекло е всушност крвното потекло и може да се следи низ историјата уште пред националното будење во 18–19 век.
Националната свест, пак, не е непроменлива и може да еволуира:
народ кој денес се идентификува како нација X може да се обедини со друг за да формира нова нација Y, или да се раслои на повеќе нации X, Y и Z.
Еволуцијата на етничките заедници е многу подолг процес кој се протега низ векови и милениуми.
Примери за етнички и национални разграничувања
- Понекогаш постојат полемики околу размерот на една етничка заедница: некои сметаат дека Скандинавците се една етничка група со повеќе нации; или дека Германците и Австријците се еден етникум, но две нации.
- Голем дел од Русите сметаат дека се дел од троична источнословенска етничка заедница со Украинците и Белорусите, додека ова гледиште го оспоруваат особено Украинците, кои се сметаат за засебна етничка заедница што се одделила низ вековите.
- Една граѓанска нација како американската денес ги надминува расните граници и опфаќа белци, црнци и хиспанци, а во рамките на тие групи има повеќе етникуми.
Првобитно, сепак, американската нација се однесувала само на белечкото население од европско потекло – вид на етнонационализам од американски тип.
Примери на етничко и национално разидување
- Може да има група луѓе што потекнува од етничка заедница со која не се поистоветува национално: Арванитите во Грција се од албанско етничко потекло, но се идентификуваат со грчката нација.
- Може припадници на една етничка заедница да се поистоветуваат со повеќе нации: на пример, етнички Македонци во 19 и раниот 20 век можеле да се најдат во редовите на сродните бугарска и српска, па дури и грчката нација.
Мешани идентитети и променливост на припадноста
Дете со родители од две различни етнички групи (на пример, татко Македонец и мајка Германка) има мешано етничко потекло одредено по раѓање.
Но, националната свест не е одредена така – детето, под влијание на родителите или средината, може да се идентификува како Македонец, Германец, или да развие синкретички идентитет.
Ако етнички хомогено семејство се пресели во странство, со тек на време може да ја поприми месната националност како своја (особено при мешање со месното население), па на пример членовите да се идентификуваат како Австралијанци (националност) од македонско (етничко) потекло.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери