1945-1991, ВМРО, Историја

Герасим Тодоров: Заборавениот пирински херој

Герасим Тодоров

На денешен ден, 27 ноември во 1910 г. се родил еден од помалку познатите македонски херои – Герасим Тодоров, македонски револуционер и антикомунист.

Од ВМРО до „Шестиот пирински одред“

Герасим Т. бил роден во с. Влахи, кое дало многу револуционери. Како младинец се приклучил на ВМРО и бил член сѐ до неговата забрана во Бугарија во 1934 г. Во текот на ВСВ бил државен службеник во Егејска Македонија, а по 1944 г. и превратот во Бугарија се вратил во родното Влахи и станал член на политичката организација „Звено“. Состојбата во првите повоени години во Бугарија била тензична – комунистичката партија сѐ уште не обезбедила целосна контрола, но вршела силен притисок за потчинување или елиминирање на сите други фактори. Како одговор на тоа, во мај 1947 г. Герасим формирал револуционерна група за борба против комунистичката власт во Пиринска Македонија. Групата го носела името „Шести пирински одред“, чие јадро го сочинувале бивши членови на ВМРО. До крајот на 1947 г. четата броела 14 души, а до март 1948 г. четата броела 42 души.

Операција „Елен“ и последната борба

Истиот месец, комунистичките власти, кои дотогаш веќе преземале целосна контрола во Бугарија, започнале голема полициска акција под име „Елен“, за елиминација на четата на Герасим. Многумина биле уапсени, а Герасим бил предаден од својот јатак. На 30 март тој бил опколен од полициски сили и за да не биде заробен си го одзел животот. До 4 април била завршена операцијата, во која биле убиени 42 антикомунистички борци. Од вкупно 140 заробени четници и јатаци на Герасим, 106 биле осудени – 11 од нив на смрт.

Вистината зад комунистичката пропаганда

Очекувано, делото на Герасим било оцрнето од комунистичкиот режим – тој и неговите четници биле поистоветувани со бандити, фашисти, провокатори, шпиони. Меѓутоа тие биле ништо од наведеното. Тоа што навистина биле, е македонски родољуби. Како приврзаник на Михајлов, Герасим верувал во идејата за независна македонска држава. Оттаму, комунистичкото решение за македонското прашање, во склоп на федерација со комунистички режим, му било неприфатливо.

Герасим е еден од многуте македонски борци кои ги положиле своите животи за Македонија по завршувањето на ВСВ. Слава им и вечен помен на нивната жртва!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD