Патриотски приказни
Ѓорѓија Пиличковски: Незнајниот јунак од Белимбегово
Во историјата на македонската ослободителна борба, за секој еден Гоце Делчев или Даме Груев има уште илјада незнајни или помалку познати херои и маченици, кои се бореле и страдале за Македонија. Еден од нив е и Ѓорѓија Пиличковски.
Ѓ. Пиличковски е роден во 1860 година во село Белимбегово (денешна населба Илинден). Тој одиграл значајна улога во револуционерното движење во Скопскиот револуционерен округ пред и по Илинденското востание. Цело време бил во четата на Васил Аџаларски (род. 1880 — поч. 1909). Бидејќи бил еден од ретките писмени луѓе во тоа време, тој бил задолжен за водење на четната документација, односно бил секретар на четата.
Десна рака на Аџаларски и учесник на големите конгреси
Ѓ. Пиличковски присуствувал на Смилевскиот конгрес кој се одржал од 2-7 мај во село Смилево. На овој Конгрес бил ставен крај на полемиките околу прашањето за востание. Било решено да се крене востание во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија и Одринско. По Илинденското востание заедно со Цветан Златанов од село Бунарџик учествувале на Рилскиот конгрес во октомври 1905 г. За да стигнат до таму патувале пеш цели 12 дена. Ѓ. Пиличковски исто така неколкупати имал и средби со Гоце Делчев и Дамјан Груев.
Драматичното бегство во брановите на Вардар
Со името на Ѓ. Пиличковски е врзан и настанот со неговото бегање од турската полиција, кој и ден денес во населба Илинден сѐ уште е во сеќавање. Имено, тој во 1909-1910 г. ненадејно бил уапсен од Турците, додека работел на неговата нива. Во исто време бил уапсен и Цветан Златанов. Тие двајцата врзани еден за друг, Турците под стража ги потерале кон Скопје. По патот биле малтретирани и тепани. Тие биле свесни дека од затворот живи нема да излезат. Затоа, тајно се договориле кога ќе стигнат над железничкиот мост на реката Вардар да се фрлат во реката. Во тоа време реката била потесна, со многу брзаци и густа шума на бреговите, што секако им помогнало, па кога се фрлиле, водата брзо ги понела по нејзиното течение. Еден километар подолу, со надчовечки напори и борба за живот со брзата вода, успеале да излезат од реката и да се спасат.
Ѓорѓија учествувал во двете Балкански војни заедно со својот син Богоја Пиличковски (роден 1882 година) во една од четите организирани од Јане Сандански.
Изградбата на „скриената“ црква во Белимбегово
По долги преговори и соодветен поткуп кај локалните турски моќници, Ѓорѓија успеал од турските власти да добие согласност за изградба на црква. Така по негова иницијатива околу 1899-1900 г. била изградена првата црква во село Белимбегово — „Св. цар Константин и царица Елена“. Договорено било објектот да биде мал и неупадлив, а околу него задолжително требало да се насадат густи и неколку метри високи трња, познати меѓу народот како „гради плот“, со цел црквата да не се гледа и да не е забележителна ниту одблиску ниту оддалеку, односно, да не боде во очи. Веднаш потоа, Ѓорѓија ги организирал селаните за обезбедување и носење на дрвена граѓа од село Градманци, од околијата на Катланово. Фамилијата на Ѓорѓијa покрај другото, се грижела и за исхрана на мајсторите и другите работници што учествувале во изградбата на црквата. На крајот тоа бил мал црковен храм направен од плет и измачкан со кал. Во изградбата на верските објекти, не само во Илинден, туку и пошироко, значајна улога имала и ВМРО. Токму затоа, улогата на ктиторот Ѓорѓија Пиличковски била многу голема, бидејќи тој завземал значајно место во четата на Васил Аџаларски, но и во работата на Организацијата во целиот Скопски округ.
Ѓ. Пиличковски починал во 1915 година од туберкулоза на 55 годишна возраст, па како ктитор на црквата бил погребан во нејзина непосредна близина. Црквата низ времето била многу пати проширувана и за жал, поради нестручната работа и крајната неодговорност на тие кои ја проширувале црквата, неговото спомен обележје, односно крстот, бил уништен.
Големо благодарам на Петар Гроздановски кој ја испрати биографијата на неговиот чукун дедо. Да не се заборави саможртвата на предците, слава им!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери