ВМРО, Историја, Османлиски период

Гоце Делчев – учител, организатор, револуционер

Гоце Делчев

Овој 4 мај одбележуваме 120 години од херојската смрт на великанот Гоце Делчев во борба со османлискиот аскер во с. Баница. Илјадници текстови, книги и песни се испишани за Делчев и неговото дело, но никогаш нема да бидат доволни. Неговата приказна мора да се раскажува и прераскажува во наредните децении и векови и сѐ додека постои барем еден Македонец. Тука накратко ќе спомнеме за неговиот животен пат.

Ран живот и образование

Гоце Делчев, роден во 1872 год., дошол во контакт со револуционерните идеи за време на неговото образование помеѓу 1888-1891 год. во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ – јадрото на македонското револуционерно движење. Таму се зближил со други млади македонски родољуби и проучувал револуционерна, социјалистичка и анархистичка литература, а особено се восхитувал на поезијата на бугарскиот поет и револуционер Христо Ботев. Во 1891 год. пристапил во бугарското кнежевско воено училиште во Софија. Наредната година (1892) во градот оддржал средба со охриѓанецот Коста Шахов и кукушанецот Иван Хаџи Николов, на која се говорело за создавање на револуционерна организација. Делчев ветил дека нема намера да служи како офицер и по завршувањето на военото училиште ќе се врати во Македонија да се придружи на организацијата (која била формирана наредната година во Солун). Во 1894 год., на еден месец пред дипломирање, Делчев и пет други питомци биле исклучени од училиштето поради „вршење на социјалистичка пропаганда“.

Без официјално офицерско звање, но со стекнато воено знаење, Делчев се вратил во Македонија како учител (1894-96 во штипско Ново Село, а 1896 како главен директор на школото во Банско), а во ноември 1894 год. дошло до неговата историска средба со Д. Груев во Штип. На прашањето зошто не останал во Бугарија, Делчев одговорил: „Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку Македонија?“. Наредниот ден, тој положил заклетва и станал член на организацијата.

Организаторски активности и Солунскиот конгрес

Делчев ги демонстрирал своите организаторски способности при ширењето и зацврстувањето на револуционерната мрежа, крстарејќи низ градови и села, вршејќи апостолска дејност со покрстување на нови членови и формирање на месни комитети низ Источна Македонија. Ги зацврстил пограничните реони и ги обезбедил патиштата и врските до двата погранични пунктови на организацијата кај Ќустендил и Дупница. Според Д. Груев, Делчев покажал дури и преголем ентузијазам при агитацијата, па морале да го контролираат за да не се претера и доведе тајноста во опасност.

Во летото 1896 год. Делчев учествувал во Солунскиот конгрес, на кој тој и Ѓ. Петров биле задолжени за изготвување на нов Устав. Тие ја извршиле задачата: со новиот Устав организацијата била преименувана во ТМОРО и бил опфатен и Одринскиот вилает, а организацијата се отворила за сите жители на Македонија и Одринско без оглед на народност. Двајцата биле назначени за први задгранични претставници на организацијата во Софија и ја задржале таа позиција до 1901 год. Таму Делчев продолжил со формирањето на нелегални канали за пренос на оружје, муниција и залихи, агитирал за придобивање помош за делото, оддржувал контакти со Врховниот комитет, бугарските власти и разни друштва и организации во името на ТМОРО.

Меѓувремено, Делчев продолжил со обиколки низ Македонија и Одринско. Согледал дека дотогашните терористички групи не можеле да се носат во борба со османлиските сили, па како воено лице ги поставил основите на Четничкиот институт – војската на организацијата. По негова иницијатива првите чети се појавиле во 1898 год. Гоце имал функција на главен ревизор на четите и вложил голем труд во градењето на македонски воен кадар, а во 1900 год., кога веќе имало чети низ цела Македонија и кога се појавиле првите чети во Одринско, со Ѓ. Петров изработиле Правилник за четите.

Подготовки за востание и херојската смрт

Кога започнале дебатите за востание, Делчев се изјаснил против бидејќи сметал дека подготовките не се завршени, но се согласил на компромис – партизанско војување наместо масовно востание. При подготвителна обиколка, во заседа кај с. Баница на 4 мај 1903 год. паднал херојски во борба со османлиска војска.
Ние помниме – вечна му слава на Делчев!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD