Патриотски приказни
Голем македонски собор, Софија 1933
На овој датум пред 90 години се оддржал Големиот македонски собор во Горна Џумаја (во Пиринска Македонија) во 1933 год. Тоа бил првиот општ конгрес на сите македонски организации во Бугарија, а на него јавно била прокламирана новата крајна цел на македонското ослободително движење – независна македонска држава.
Атмосферата во Горна Џумаја и револуционерниот завет
Соборот бил организиран од ВМРО и Сојузот на македонските емигрантски организации (основан во 1912 год.), кој претставувал најбројна организација на македонската емиграција во Бугарија. Вкупно присуствувале над 20.000 делегати и гости на соборот. Целиот град бил украсен како за празник, биле поставени натписи „Македонци, сметајте пред сѐ на себе си!“, „Жива, жива е Македонија“, „Македонија на Македонците“, „Македонскиот дух е нескршлив“, „Да живее слободна и независна Македонија“, а биле истакнати и портрети на Т. Александров, Г. Делчев, Д. Груев, М. Бунева и други револуционери.
Пораката од ВМРО и Декларацијата за обединета Македонија
Соборот започнал утрото на 12 февруари 1933 год. со молебен од неврокопскиот митрополит Макариј. Од страна на Георги Кондов, претседателот на Националниот комитет (управно тело на Сојузот на мак. емигрант. орг.), насобраниот народ бил повикан да оддаде почит на паднатите херои. Јордан Чкатров пренел порака од ЦК на ВМРО, дека борбата е против поробувачите, комунистите и „србоманството на официјална Софија“, како и дека ВМРО може да разговара со белградските управници само со пушки и бомби за градење на самостојна македонска држава. Поздрав до соборот упатил и Анте Павелиќ, преку говор прочитан од страна на претставникот на усташите Марко Дошен, кој истакнал дека најголемиот македонски и хрватски идеал се слободна и независна македонска и хрватска држава. Била усвоена декларација во која се истакнало дека за да се стави крај на непријателството и недовербата помеѓу балканските народи треба да се прогласи независност на Македонија, поделена помеѓу Југославија, Грција и Бугарија, во нејзините природни географски граници. Со таа декларација и официјално идејата за независна Македонија била поставена како крајна цел на македонското ослободително движење.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери